НФФ: Цената на „смедеревката” да биде 16 денари, а на „вранецот” 17

Facebook
Twitter
Email
Print

Откупот на грозјето почнува и повторно е неплански, со голем број манипулации кои се на штета на лозарите, оценува Националната федерација на фармери (НФФ) и уште еднаш апелира дека цената на „смедеревката” треба да биде околку 16 денари за килограм, а на „вранецот” 17 денари.

„Со години наназад „смедеревката” се откупува за максимум 11 денари, додека винската сорта „вранец” до 13 денари. Секоја година правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден за килограм. Oвие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции. Затоа  сметаме дека со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството“, потенцира претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , виното е втор најзначаен извозен производ од земјоделско-прехранбениот сектор со 11 отсто учество во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи. Во периодот 2014 – 2019 се извезувале по околу 100 милиони литри вино од кои се остварени околу 50 милиони eвра приход годишно. Македонија има вкупно 180.000 земјоделски стопанства од кои околу 48.000 поседуваат лозови насади. Од површините под лозови насади наменети за производство на винско грозје 70 проценти се обработуваат од страна на индивидуални земјоделски стопанства, чија површина се движи од еден до четири хектари.

Според НФФ, освен откупните цени, проблем во лозарството се и климатските промени, како и застарените системи за наводнување на насадите.

Федерацијата ја нагласува потребата од воспоставување партнерски односи меѓу лозарите и винариите. Воедно бара стартот на бербата и скалата на шеќерните единици да ја одредуваат релевантни научни институции за да нема манипулација околу цените и шеќерните единици.

НФФ бара измени на Законот за земјоделство и рурален развој и на Законот за вино со воведување банкарска гаранција, како што е уреден откупот на тутунот, Инспекторатот за земјоделство да врши зачестени контроли за време на откупот, Министерството за земјоделство да овозможи услови за свикување на потсекторската група за вино и грозје која функционира во негови рамки, но и посебно внимание да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура – патишта, наводнување, одводнување и справување со климатските промени кои посебно влијаат на квалитетот на сите земјоделски производи. 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи