Грaѓаните кои од понеделник ќе бидат затекнати во објект или на настан без сертификат за примена вакцина против ковид-19 ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице, вели директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Симеска-Димоска.
Владата на 7 август донесе одлука дека од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).
Приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација – најмалку прва доза вакцина, се однесува на лица над 18-годишна возраст.
Директорката Симеска-Димоска за САКАМДАКАЖАМ.МК појаснува дека во нивна надлежност е да казнуваат и физички и правни лица за непочитување на мерки од Законот за заштита на населението, и дека ќе биде нивна проценка кога ќе бараат асистенција од службеници од Министерството за внатрешни работи (МВР). Надлежноста, вели таа, е согласно членовите 58 и 28 од Законот и додава дека досега имаат одлична соработка со МВР.