Независната угостителска комора (НУК) бара од Владата целосно и безусловно да ја укине одлуката за забранет влез на невакцинирани во угостителските објекти, посочувајќи дека таа е условена и неспроведлива и дека е неприфатлива и за многу граѓани кои вчера излегле на протест.
„По синоќешниот врисок на граѓаните искажан преку паралелни протести низ цела Македонија, на Владата не останува ништо друго, туку веднаш, по кратка постапка, да ја укине одлуката со која сакаше да се спроведе експериментален филтер на проверка дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира во време на пандемија на т.н. вакцинирани и невакцинирани, предвиден да се одвива со редарски служби преку угостителите и угостителските објекти од 16 август“, наведува НУК во соопштение.
Во однос на изјавата на министерот Крешник Бектеши, НУК бара од Владата „наместо да разгледува какви било други можности, разводнувања и дополнувања кон одлуката и мерката со која се забранува влез на невакцинирани во угостителски објекти“, веднаш да свика седница и да го разгледа и усвои нивното барање доставено на 10 август за целосно и безусловно укинување на одлуката во кратка постапка.