Премиерот Зоран Заев не знае зошто Зоран Милевски-Кичеец патувал кон Скопје, но за случајот зошто не е во затвор на издржување казна – бил заинтересиран и разговарал со Управата за издржување санкции.
Кичеец беше учесник во тешката сообраќајка која се случи во саботата во близина на Стража во која едно лице го загуби животот.
„За настанот дознав од медиумите. Прво сакам да изразам сочувство до семејството за загинатиот, а на повредените да им посакам побрзо закрепнување од оваа сообраќајка незгода. Разговарав со директорот на Управата за извршување на санкции, и ме информираше дека тој имал целосна документација за лекување. Тоа е право на секој затвореник, како што има право на годишен одмор, има право на викенд, така има право на лекување. За деталите ве упатувам на Управата за извршување на санкции. Не знам зошто се упатил кон Скопје, можеби поради лекарска помош, треба да прашате во Управата“, рече Заев.