После четиригодишното мизантропско владеење на СДСМ и Томе Христоски, општина Крушево добива шанса за градоначалник, докажан во своите позитивни комуникациски и хумани односи со своите сограѓаните. Градоначалникот Томе, во дадениот мандат не успеа да реализира ниту започни, ниеден од петте носечки проекти од предизборната програма. СДСМ, очигледно повторно сака да поддржува лаги, насилство, уцена, неработење и локално шерифување, наместо проекти, нови работни места и подобра иднина за младите, изјави на денешната прес конференција Билјана Проеска, кандидат за градоначалник на Крушево од ВМРО ДПМНЕ.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Во изминативе четири години не се реализира ниедна од ветените инвестиции во индустриската зона ОПАЛЕНИК, ништо нема од фамозната обиколница во Крушево, ниту од реконструкцијата на локалниот пат Врбоец – Свето Митрани, а уште помалку од реконструкцијата на регионалниот пат Кривогаштани – Крушево и Крушево – Демир Хисар. Патиштата во селата Врбоец, Св. Митрани и Бучин се во дисфункционална состојба. Во општината проблемите со вода за пиење се продлабочуваат. Жителите во селата живеат без вода. Ветениот проект за водоснабдување и вештачките акумулации, сега ќе бидат ударна тупаница на новиот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и овие проблеми со водоснабдувањето ќе бидат заборав!
Почитувани сограѓани, оваа власт покажа и докажа дека не е способна да обезбеди развој и иднина на општината, оваа власт и пред заминување прави штета и си поигрува со човечки судбини. Со почетокот на новата учебна година, сведоци сме на нехуманата ургенција на градоначалникот, за укинување на работните места образовни асистенти, за децата со посебни потреби во основното училиште „Никола Карев“. Неговото непрепознавање на важноста на образовниот процес и мешање на политиката во образованието, доведува само до деструктивност во општината. За жал, последиците од ваквите неразумни одлуки ги трпат родителите и нивните деца. Сфакајќи ја битната интеграција на овие деца во општеството, новиот градоначалник ќе биде должен да обезбеди нивни образовни асистенти, превоз до училиштето и пристапни патеки. Ќе го вратиме сјајот на културните манифестации и повторно Крушево ќе биде Етно- град, ќе биде град на музиката и уметноста. За младите луѓе во Крушево, СДСМ, не обезбеди работни места, ниту им понуди услови и поддршка за отпочнување на локални бизниси.
Затоа пак, Томе Христоски е познат како „татко на непотизмот“ бидејќи, слободните и примамливи работни места си ги додели на својата фамилија. Новиот градоначалник на Крушево, ќе даде максимална поддршка на секој млад човек кој сака да твори и работи во градот, развивајќи бизнис, научна, спортска или креативна дејност.
Крушево има добри услови за поддршка и развој на адреналински спортови и ние ќе работиме за да станеме балкански центар на адреналинот. Ќе се насочиме на користење на обновливи извори на енергија (ветерници, колектори и сл.). А географската поставеност на градот нуди услови за Крушево да биде еко – центар на Македонија и општината ќе ги вклучи сите ресурси за постигнување на таа цел. Наша голема заложба ќе биде влог во образованието, па затоа во Крушево ќе има научно истражувачки центар, каде ќе се понудат услови за научни дејности, семинари, доквалификации и сл.
Нашиот град ќе биде со туристичка понуда за сите четири сезони и сместувачките капацитети ќе можат да имаат целогодишна функционалност – 4sesons Krusevo! Влогот во туризмот и туристичката понуда ќе бидат еден од приоритетите на општината, вклучувајќи ги како рамноправни партнери сите приватници, кои вложуваат и инвестираат во нашиот град!
Социјалната тематика и проблематика ќе бидат тековно решавани, а општината ќе обезбеди социјални домови за најгорливите случаеви. Проблемот со паркирањето ќе биде решен со катни гаражи. Влезот на градот ќе има соодветно сообраќајно решение. И она што треба да биде прво и приоритетно за идниот градоначалник е нови инвестиции и нови работни места. На нашиот град му требаат фабрики и ВМРО-ДПМНЕ, како и претходно што донесе фабрики, така и во наредните четири години ќе работи во интерес на отворање нови работни места. Редењето бекатон плочки, поправка на уништени улици, партерно уредување на зелени површини, училишни дворови во градот и селата, како и секоја санација од било каква природа, нема да бидат повод за правење селфи и фалење на ФБ, туку тоа ќе бидат тековни активности за кои градоначалникот и вработените во општината ќе бидат платени.
Ќе ставиме крај на високото ниво на криминал и работа врз принципот на закани и уцени, ќе работиме во интерес на граѓаните и нивните потреби и Крушево повторно ќе биде лулка на спокојот и достоинството и нема да се дозволи поделба на населението и граѓаните по било која основа.
Секој еден независно од вера, пол и политичко убедување ќе биде битен и важен за градењето на една поубава општина. ВМРО-ДПМНЕ е партија за сите луѓе во Крушево, а новиот градоначалник се обврзува да ги реализира и ветените проекти од Томе и СДСМ. Ние знаеме и умееме, и ние ви простуваме за неспособноста и продолжуваме заеднички за едно поубаво Крушево“, рече Проеска.