Никола Димитров, вицепремиерот за европски прашања денеска на прес-конференцијата коментираше за односите меѓу Бугарија и Македонија. Тој кажа дека најголемиот проблем се уцените од страна на бугарската страна, и дека Бугарија го прекришла членот 2 од Договорот за добрососедство.
„Голем проблем за напредок во разговорите е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ имаат една изрека, „Со сила нема убавина“. За вистинска блискост и вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена. Не може да имаме блискост и напредок кога се уценува“, истакнува Димитров.
Димитров нагласува дека политиката може да создаде позитивна клима, но дека сега односот е изместен поради постапките на Бугарија.
„Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот, според кој Софија ќе ни помага на европскиот пат, а не да нè блокира и да ни одмага. Ние доживеавме две вета и доживеавме проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, проблематизирање на нашиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија искрениот дијалог тежок. Тоа е главниот проблем“, изјави Димитров.