Загрижувачко намалување на бројот домашни и странски туристи, како и ноќевања, покажуваат официјалните статистички податоци за периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период во 2019 година, пред корона пандемијата. Ова намалување е најголемо споредбено со сите земји од регионот, оценува Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Според Здружението, македонскиот туристички сектор е во лоша сосотојба и се уште има потреба од поддршка. Предвидувањата се дека бавно ќе закрепнува. Се очекува намалувањето на туристи и ноќевања за 2021 година да биде околу 60 %, а во 2022 година да изнесува приближно 40 % доколку не се променат пристапот и политиките. Обновување на пазарот и достигнување на перформансите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, а најдоцна до 2025 година.
За секторот од особено значење е и запознавање на странските партнери со условите, мерките и политиките кои се применуваат во однос на справувањето со пандемијата, додава Здружението. Од тоа зависи каква ќе биде перцепцијата однадвор за Македонија како туристичка дестинација. Потребна е промоција во земјите од регионот, во географски радиус од 600 километри, а одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа, мора да биде врвен приоритет. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од земјава.
„Периодот јануари – јули 2021 за разлика од првите седум месеци во 2019 година, бележи просечно намалување на бројот туристи за 80 отсто и 77 проценти на реализираните ноќевања од традиционалните пазари – Австрија, Холандија, Полска, Белгија, Турција. Малку поблаг е падот на туристи и ноќевања од соседните земји, за 57 отсто на бројот туристи и за 51 процент на бројот ноќевања. Според видот на туристички места, пак, се забележува сличен драматичен пад на прометот при што највисоко намалување на бројот туристи бележи Скопје, 53 отсто, а по него следуваат – езерски туристички места со намалување од 44 проценти и бањски туристички места со пад од 35 отсто. Најмал пад на бројот на туристи е забележан во планинските туристички места кои биле посетени од 22 отсто помалку туристи. Позитивен тренд е забележан само во издавањето куќи и станови за одмор, како и преноќишта“, наведува Здружението.
Според Заводот за статистика, во периодот јануари – јули 2021 споредбено со 2019 година бележиме намалување на бројот туристи за 305.000 или за 50 отсто. Бројот на домашните туристи се намалил за 26.000 или за 12 проценти, а бројот на странски туристи за 280.000 што е пад за 68 проценти.