ВИДЕО – Вечерва со „Мој термин“ на МНТ започнува 55 јубилејно издание на МТФ „Војдан Чернодрински“


Со свеченото доделување на наградите за животно дело и со претставата „Мој термин“, во изведба на МНТ, а во режија на Синиша Евтимов вечерва во Прилеп ќе се отвори 55 јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. На фестивалот оваа година ќе учествуваат 13 театри.

Утре настапуваат Театар Комедија со претставата „Вечера за глупаци“, а потоа публиката ќе ја проследи „Глембаеви“ на прилепскиот театар. Во недела се „Вообразен болен“ на кумановскиот театар и „Мојот маж“ на Драмски од Скопје. Во понеделник ќе бидат претставени „Мурлин Мурло“ од Албанскиот театар и „Херои 04.33“ од велешкиот театар. Во среда настапуваат теовскиот театар со „Страст и алчност“ и штипскиот театар со „Едип коментари“. „Славната Флоренс“ од турскиот театар и „Крик за љубов“ на охридскиот театар, публиката ќе има можност да ги гледа во среда. Во четврток настапуваат Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Едвард раце ножици“ и битолскиот театар со „И коњите ги убиваат, зар не?“.

„Еј 55 години тоа е навистина јубилеј и е бројка за почит. Фестивалот секогаш се одржувал во неговиот редовен термин, првиот петок во јуни, но ја знаете реченицата – „Ако сакаш да го насмееш Господ кажи му ги плановите“. Така што планот кој ние го направивме на почетокот од идната година, во јануари, како ќе изгледа 55 издание со целата своја сила и важност, бидејќи е јубилејно издание, не можевме да го одржиме затоа што знаеме што му се случи на целиот свет. И беше невозможно да се направи во било каква форма поради безбедносни причини. Оваа година исто така не можевме во јуни затоа што знаете какви беа бројките кај нас во месец јуни и каква беше ситуацијата. Но некаде кон крајот на јули, заедно со членовите на Собранието одржавме состанок на кој што рековме дека ќе го одржиме Фестивалот, исто така и од Прилеп се јавуваа многу луѓе и прашуваа кога ќе биде Фестивалот, и поради сето тоа решивме сепак да го одржиме фестивалот. Но сепак не во таа форма која би била достојна за една вакво издание. Иако морам да кажам дека е навистина фасцинантно што 13 театри ќе присуствуваат тука. Тркалезни маси, разговори, нема да има. Гостите за жал после претставата ќе мора да се враќаат, поради безбедносни причини. Според протоколите може да има само 30% публика во салите“, истакна уметничкиот директор на фестивалот, Катерина Коцевска Хаџивасилева.

Вечерва награда за животно дело ќе добијат актерите Емил Рубен, Борис Чоревски и сценографот Крсте Џидров. Во состав на фестивалот освен претставите е предвидено да има и промоција на неколку книги. Фестивалот завршува на 8 октовмри во петок, а ќе го затвори „Драмски за Конески“ од Драмскиот театар од Скопје која ќе се одигра во чест на наградените.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи