Премиерот Зоран Заев очекува следните денови Министерството за внатрешни работи да го објави извештајот за причините за пожарот во модуларната болница.
„Не можам да дадам наредба, налог или некои напатствија на орган кој не е под извршната власт, тоа е Јавното обвинителство. Можам да апелирам час поскоро, по завршување на квалитетна истрага, да се објави, но можам да побарам од МВР, тоа што е делокруг кај нив како орган под состав на владата, да го објават, да го соопштат до граѓаните, затоа што поминуваат неделите и навистина треба да се дадат соодветни одговори, прво за граѓаните, а секако и за нас како Влада да ги носиме соодветните одлуки. Знам дека делот на форензиката, вештачењето кое го направи МВР е доставено до Јавното обвинителство и од тој аспект очекувам во следните денови да се објави од страна на МВР тој извештај, а Јавното обвинителство можат да си продолжат со истрагата“, изјави премиерот Зоран Заев.
Пожарот во тетовската модуларна болница се случи на 8ми септември, а во трагедијата, животот го загубија 12 пациенти и две лица кои во моментот биле во објектот.