Три и пол до пет години се затворските казни за кои со Обвинителството се спогодија петмина обвинети за шверц на 200 килограми марихуана која во април беше запленета во близина на Плетвар во полициска акција во која учествуваше американската ДЕА.
„На ден 06.10.2021 година склучена е Предлог-спогодба помеѓу Јавен Обвинител и обвинетите: А.У. , Д.Ј. , М.З. , М.С. и Г.К. при што е донесена пресуда со која: обвинетите А.У и Д.Ј. се осудени на казна затвор во траење од 5 години а М.З., М.С. и Г.К. се осудени на казна затвор во траење од 3 години и шест месеци“, соопштија од судот.
Екс командирот на прилепската полиција, Кире Спиркоски, кој е во домашен притвор, не ја призна вината и него го очекува судски процес.
Во акцијата во која асистираше ДЕА беше пресечен меѓународен канал, а вредноста на заплените 200 килограми марихуана беше проценета на 800 илјади евра. При претсерите во домовите на обвинетите беа најдени поголеми суми на денари и девизи, накит, оружје и муниција.