САД објавија дека во земјата ќе можат да влезат сите странски патници кои се имунизирани со некоја од ковид вакцините одобрени од Светската здравствена организација, што ги вклучува и оние произведени во Кина.
Белата куќа на 20 септември ги укина ограничувањата за патувања за државјаните на 33 земји кои се целосно вакцинирани против ковид-19. Одлуката се однесува и на Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка и најголем дел од Европа.
„Шест вакцини кои се одобрени од Светската здравствена организација ги исполнуваат критериумите за патување во САД“, соопшти Центарот за контрола и превенција на болести.
Некои држави ја притискаа администрацијата на Бајден да ги прифати вакцините одобрени од СЗО, имајќи предвид дека вакцините одобрени од Агенцијата за храна и лекови на САД не се користат во голем обем во сите земји.
Во САД досега беа одобрени вакцините на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, додека на листата на СЗО се и оние на „АстраЗенека“, „Синофарм“ и „Синовак“.