Под слоганот „Ментално здравје за сите – да го направиме ова реалност“, денеска се одбележува 10-ти октомври – Светскиот ден на менталното здравје.
Поминаа 18 месеци по почетокот на пандемијата со Ковид-19. Во некои држави животот полека се враќа во нормала, додека во другите бројките на новозаразени и хоспитализирани и понатаму остануваат високи. Во сите земји пандемијата имаше огромно влијание врз менталното здравје на луѓето.
СЗО во соопштение известува за анализите во полето на менталното здравје. Скоро една милијарда луѓе во светот имаат ментално нарушување, секое седмо лице на возраст од 10 до 19 години доживува некакво ментално нарушување, а половина од овие ментални нарушувања започнуваат на возраст од 14 години и најголем дел од нив остануваат непрепознаени и не се третирани.
Загубата во продуктивноста поради депресија или анксиозност, кои се двете најчести ментални нарушувања, ја чинат глобалната економија 1 билион долари годишно, проценува организацијата.
Сепак од СЗО велат дека има и добри вести. Некои од најчестите ментални нарушувања, како депресијата и анксиозноста можат да бидат лекувани со терапија, медикаменти или комбинација на двете.