Шпанскиот прволигаш Севилја успеа со фантастична игра во вториот дел од загубен меч да дојде до реми на средбата со Ливерпул во Лигата на шампионите.
Ливерпул имаше големо водство од 3:0 по првите 45 минути на стадионот „Рамон Санчес Пичуан“ во Севилја, но до крајот на средбата, домашните играчи успеаја да се изборат за бод. Севилја израмни во судиското продолжение, што играчите го прославија во прегратка со својот тренер.
Оваа средба и реми крие и еден друг момент, а тоа е дека тренерот на домаќините, Едуардо Берицо во соблекувалната на полувремето одржал мотивациски говор, во кој ги повикал играчите да не се предаваат и признал дека е болен од рак, но дека и тој се бори, пишува британски Телеграф.
Секако за нив ова било шок, но од друга страна дополнителна мотивација, нешто што го посочи и Евар Банега.
„Ова беше луд натпревар. Во второто полувреме моравме да излеземе на терен со друг пристап, заради фановите, заради тренерот. Тој е најважен моментално. Ќе бидеме со него на овој пат“, кажа плејмејкерот на Севилја, Евар Банега
Шпанскиот прволигаш по завршувањето на средбата и официјално соопшти дека Аргентинецот боледува од рак на простата.
„Медицинскиот тим на Севилја потврдува дека на тренерот на првиот тим Едуардо Берицо му е дијагностициран рак на простата. Врз основа на идните испитувања, ќе биде решено што понатаму ќе се преземе“, стои во соопштението на клубот.
Едуардо Берицо сега ќе треба да се посвети на многу поголема животна битка, наредните денови најверојатно треба да биде опериран, а клубот Севилја ја истакна својата поддршка за тренерот и најави дека ќе биде со него во овие тешки мигови.
„Темата е деликатна, клубот ќе биде со Едуардо Берицо во секој миг од тоа што го очекува“, изјави претседателот на Севилја, Хозе Кастро.