Ново видео за кампањата „Биди фер! За детство без пречки“

Facebook
Twitter
Email
Print

Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) Македонија го претстави второто видео со скриена камера „Биди фер! За детство без пречки“ со пораката „Види ја способноста, а не попреченоста“, кое става акцент врз прифаќањето на тоа кои се децата и што умеат да направат, а не врз пречките од нивното оштетување.

 

 

„Се согласив да го снимам второто видео за да видам дали реакциите на луѓето ќе бидат различни откако дознаа повеќе за мене. Луѓето беа поотворени да добијат совети од мене, беа попријатни, и тоа многу ме расположи“, рече Нина Костоска, студент на четврта година која во слободно време помага во аптеката на татко си и која беше дел и од првото видео.

 

Во рамки на кампањата на 100 локации низ земјата поставени се серија од дванаесет билборди на кои децата со попреченост се прикажани како пријатели, студенти, ученици, музичари, спортски шампиони, браќа, внуци, истакнувајќи ја љубовта, љубопитноста, радоста и способноста што тие ја носат, информираат од УНИЦЕФ.

 

Новата фаза од „Биди фер! За детство без пречки“ со пораката „Види ја способноста, а не попреченоста“ става акцент врз прифаќањето на тоа кои се децата и што умеат да направат, а не врз пречките од нивното оштетување.

 

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, посочува дека новата кампања „Види ја способноста, а не попреченоста“ се однесува на ослободување на потенцијалот на секое дете и дава осврт на ставовите што ја попречуваат инклузијата.

 

„Веруваме дека ова ќе се претвори во забрзана системска реформа за да се обезбеди секое дете да ја добие потребната поддршка и да оди на училиште со своите врсници, да ги добие потребните здравствени и социјални услуги и да се стави крај на исклученоста, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост“, рече Перкс. „Стигмата често се заснова врз сознанија изградени на стереотипи. Недостатокот на информации, заблудите, изолацијата и сегрегацијата ги одржуваат ваквите стереотипи, па најдобар начин за решавање на стигмата е да се прекинат стереотипите. Тоа е доказ дека најдобар начин за надминување на стигмата е инклузијата да стане реалност.“

 

Кампањата „Биди фер! За детство без пречки“ е дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост и е поддржана од регионалниот проект финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во земјите од Западен Балкан и Турција“.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи