Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, гостувајќи во „Студио 10“ вели дека зголемувањето на цената на електрична енергија за 2022 за домаќинствата и малите потрошувачи ќе биде поголема од 10 отсто. Тој истакнува дека нема да има комфорна зона бидејќи е енергетска криза.
„Очигледно е дека ќе има покачување на цената на електричната енергија, минатата недела трите компании испратија барања. Сите компании ќе треба да излезат од својата комфорна зона, ќе треба да дадат дополнителни напори за да се преживее оваа година. Постои незадоволство кај компаниите, но во кризна година сите треба да го понесеме товарот.
За РКЕ се неприфатливи драстични ценовни шокови, затоа што ќе имаме проблеми со наплатата. Во време на криза треба сите да сме солидарни, да се подготвиме за една тешка година. Се уште немаме конкретна проценка колку ќе се покачи цената на струјата. Министерот рече дека ќе е под 10%, други велат 70% – во непријатна ситуација сме затоа што многумина кажуваат за цената, а РКЕ ќе ја понесе на крај одговорноста“, рече Бислимовски.
Бислиловски додава дека МЕПСО сега бара зголемување од 83 проценти.
„Барањата на МЕПСО е 82,83 отсто зголемена, не е 60 отсто. Електродистрибуција побара 100 проценти. Во моментов само од овие две компании 40 отсто зголемување е побарано на сметките за домаќинства и мали потрошувачи. Дел од профитите кои што им се гарантирани, ќе ги тргнеме оваа година. Компаниите ќе изглезат од комфорната зона“, вели Бислимовски.