Со Законот за социјална сигурност за старите лица се уредува социјалната сигурност за старите лица, условите и постапката за остварување и финансирањето на правото на социјална сигурност за старите лица.
Услови за стекнување на право на социјална сигурност за старите лица.
Право на социјална сигурност за старите лица има лице со навршени 65 години возраст под услови утврдени со овој закон. Ако подносителот на барањето за остварување на ова право има брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница со навршени 65 години возраст, правото го остварува само едно од лицата.
Право на социјална сигурност за старите лица, се остварува ако лицето:
- Има државјанство на Република Северна Македонија;
- Има постојано место на живеење во Република Северна Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето;
- Нема во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува;
- Не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и
- Не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.
Условите се однесуваат и за неговиот брачен другар или лицето со кое живее во вонбрачна заедница. Право на социјална сигурност за старите лица не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вон-семејна социјална заштита, здравствена или друга установа.
пишува: Здружение Достоинствен Работник.