ВИДЕО – Започна судењето против Иван Јованоски од Левица обвинет за омаловажување екс премиерот Заев на 11 Октомври


Во Прилеп денеска започна судењето во кое Иван Јованоски, локален модератор на огранокот на Левица во Прилеп е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир и омаловажување на екс премиерот Зоран Заев за инцидентот кој се случи на 11 Октомври на Паркот на Револуцијата, внатре во криптата, каде почиваат останките на партизаните, во моментот кога Заев полагаше цвеќе.

„Ти немаш лице да се појавиш овде, му се п…. на сите што се овдека загинати. Дај да си славите вие уште еден празник во Бугарија, не овде, ова не е ваша територија“, му рече Јованоски на Заев.

„Да си посетите психијатар“, му возврати Заев.

„Ќе видиме кој е за психијатар“, додаде Јованоски.

„Се гледа“, му рече Заев.

„Да отидеме заедно ако сакаш“, кажа Јованоски.

„Срамота“, му рече Заев.

„Мене срамота? Тебе како не ти е срам“, му возврати Јованоски.

Јoваноски вели дека не се чувствува виновен, ниту дека се кае за тоа што го направил. Обвинува дека зборовите во пријавата не се тие кои точно ги кажал, а спорно било и тоа што самиот Заев не ја поднесол пријавата туку одреден полициски службеник.

 „Значи јас не реков „Ова веќе не е терииторија“, туку „Ова не е ваша територија“. Не се чувствувам за виновен, стојам зад овие зборови, ова не е ваша територија, нема лице да се појави тука, затоа што тоа е свето место на кое почиваат коските на нашите предци што го дале животот за Македонија. Истово лице Зоран Заев практично ги прави пријатели нашите тогашни непријатели или бугарските фашисти. Мене не ми е јасно во кој дел има омаловажување. Дали има лице да се појави, нема лице да се појави. Искористив ете еден жаргон прилепски. Ова не е ваша територија, практично и не е нивна територија затоа што нема лице да се појави тука на тоа место. Затоа што бугарските фашисти никогаш неможат да бидат наши пријатели колку и да ги правдате“, истакна Иван Јованоски, локален модератор на огранокот на Левица во Прилеп.

 На наредното рочиште кое е закажано за 15 мај повикани свој исказ да дадат, Зоран Заев, полицискиот службеник и сведоци на Јованоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи