50 години од првото интерпретирање на детската песна „Еј гулаби, гулаби бели“


На 27 декември 1972 година се одржа вториот по ред фестивал на детска песна „Златно славејче“, замислен како ревија на најдобри деца-пејачи од Македонија. Идејата за организација на овој фестивал потекна од Советот за грижи и воспитувања на децата на град Скопје. Ако првото „Златно славејче“ имаше исклучиво карактер на градска манифестација, вториот фестивал прерасна во манифестација од републички карактер.

За вториот фестивал биле пристигнати точно 116 композиции, а стручното жири во состав: Трајко Прокопиев, Властимир Николовски, Александар Лековски и Љупчо Стојменски, одбрал 24 најквалитетни композиции. Токму меѓу овие 24 композиции, се наоѓала и песничката „Еј гулаби, гулаби бели“, интерпретирана од Билјана Дамјановска – Јанчевска, која освои најмногу гласови од публиката, а жирито ѝ додели и награда за најдобар текст.

Оваа година се навршуваат точно 50 години од интерпретацијата на овој детски евергрин, па затоа Македонскиот музички регистар прв се досети да направи интервју со Билјана Дамјановска – Јанчевска, во кое ќе се потсетиме за овој фестивал и на оваа песна.

Извор: Македонски музички регистар

ВБУ: .„Еј гулаби, гулаби бели“ е една од најпознатите детски песнички во историјата на македонската музика за деца. За прв пат е изведена на фестивалот за детска песна „Златно славејче“ во 1972 година. Оваа година, овој незаборавен детски евергрин прославува 50 години од изведувањето. Како се случи Билјана Дамјановска да ја пее токму оваа песна?

 БДЈ: Во август, 1972 година, со моето семејство се преселивме од мојот роден град Мостар, Босна и Херцеговина, во Битола . Се запишав во четврто одделение во ОУ „Коле Канински“. Веднаш бев забележана од мојот наставник по музичко  образование, кој го препозна мојот талент и мојата музикалност. Сметаше дека би можела да настапам на фестивалот „Златно славејче“ 1972 година, иако имав само 10 години. Конкуриравме и ми беше дадена песничката „Првото ѕвонче ѕвони“. Неа ја научив и ја спремив за настап на фестивалот, но непосредно пред фестивалот се јави маестро Џамбазов, кој ни соопшти дека ќе ја пеам песничката „Еј гулаби, гулаби бели“, бидејќи девојчето што треба да ја пее, нема да може да настапи. И така се случи тоа.

ВБУ: Текстот на „Еј гулаби, гулаби бели“ е на поетот Глигор Поповски, а музиката и аранжманот на еден од најплодните македонски композитори, Александар Џамбазов. Какво беше чувството на едно дете да соработува со еден таков маестро, каков што беше Џамбазов?

БДЈ: Пред сѐ, морам да кажам дека имав многу малку време да ја спремам песничката, која беше певлива, но бараше голем напор за едно дете да ја спреми и испее. Со помош на мојот наставник, диригентот Љубомир Трифуновски успеав во тоа. Работевме секојдневно, а отидов и во Скопје, каде што се сретнав со маестро Џамбазов и заедно ја доработивме песничката. Морам да кажам дека „Еј гулаби, гулаби бели“ не е ни малку лесна песна. Има долг текст, во кој освен рефренот, ништо друго не се повторува. Текстот е на писателот Глигор Поповски и е со прекрасна порака, а музиката и аранжманот на Александар Џамбазов се прилично тешки и бараат висока музикалност и талент, кои јас ги наследив од мојата мајка, па имав чест да го испеам овој безвременски детски евергрин. Исто така, сакам да нагласам дека настапот беше во живо со голем ревиски оркестар и немаше место за грешка. Соработката со маестро Џамбазов за мене беше голема чест, но и одговорност, зашто тој во тоа време беше најплодниот и најпопуларен автор на детски песни, а соработката со него продолжи и понатаму, во периодот кога започнав да ја градам мојата музичка кариера.

ВБУ: По победата, Билјана стана славна. Немаше роденден, детска прослава, училишна приредба, а да не биде испеана „Еј гулаби, гулаби бели“. Како се носевте со славата во тие детски години и дали беше убаво чувството да се биде познат и славен?

БДЈ: Точно е тоа. Веднаш станав славна меѓу децата, посебно во Битола. Песната се пееше насекаде. На приредби, родендени, детски забави. Бев дете, а и скромноста е моја особина, така што понекогаш се срамев кога некој сакаше да се запознае со мене. Паметам дека бараа мои фотографии, па јас некои црно-бели фотографии од настапот на фестивалот ги направив во повеќе примероци и ги потпишував како автограми. Ха, ха, ха… Таа популарност траеше долго, а и по 50 години, со испеани многу песни и богат репертоар, јас се претставувам како „чупето што ја испеа „Еј гулаби, гулаби бели“.

ВБУ: Билјана е единственото дете од Македонија, кое издаде и ЕР плоча за продукцијата на ПГП РТБ, на кое се наоѓаат две композиции: „Еј гулаби, гулаби бели“ и песната „Зошто“, изведена повторно на „Златно славејче“ 1973 година. Како се случи до реализација на ова издание?

БДЈ: На фестивалот  во 1972 година, „Еј гулаби, гулаби бели“ ги освои сите можни награди. Беше севкупен победник, а јас бев забележана како дете со голем талент, така што во 1973 година повторно добив песничка, овојпат песничката „Зошто“, напишана од чичко Ацо Џамбазов. Нема да ми замерите што го претставувам како чичко Ацо, зашто тој по моите настапи на „Златно славејче“ стана дел од нашето семејство. Двете песнички во тоа време беа слушани на просторите на тогашната Југославија, па добивме понуда од Продукцијата за грамофонски плочи на РТВ Белград да се издаде сингл плоча, што беше прва плоча на детски песни. Со тоа песните доживееа уште поголема попоуларност.

ВБУ: Љубовта кон музиката и песната очигледно не згасна кај Вас по „Златно славејче“, зашто Билјана ја видовме и слушнавме на „Макфест“ 1987 со „Меланхолична песна“, а веќе наредната – 1988 година и на „Фолк фест Валандово“ со „Бесони ноќи“. Впрочем, ова беше потврда за Вашите вокални квалитети, зашто Вам подеднакво Ви „лежеа“ и забавната и народната песна. Во куси црти, каков спомен Ви оставија тие фестивали, квалитетот на песните и дружењето со колегите?

БДЈ: Пред „Макфест“, се организираа фестивали и во други градови низ Југославија. Како претставник на Македонија, на 17-годишна возраст, како средношколка, настапив на Младинскиот фестивал „Суботица ’79“, на кој настапија многу  имиња  и групи од бившите  ЈУ простори, кои потоа станаа многу популарни. Бев забележана од страна на музичката критика, посебно со бојата на мојот глас (алт), кој беше многу карактеристичен и редок вокал. Со тоа започна мојата кариера (настапи на фестивали, музички настани, телевизиски емисии и снимање на нови песни за продукцијата на тогашна Радио телевизија Скопје). Бев учесник на првите фестивали на „Макфест“ во Штип во 1987 и 1988 година, потоа „Валандово“ во 1988, 1990 и 1991 год. Потоа следуваа „Серенада фест“ во Битола, „Интерфест“ во Битола; „Охридски Трубадури“, „Струмичка пролет“, „Евро Фест“, „Филиграни“, а до распадот на бившата држава бев редовен учесник на  „Војничкиот фестивал“ по повод денот на Армијата, па имав можност да настапам и во „Сава центар“ во Белград. За квалитетот на песните кои се изведуваа нема што да се коментира. Сведоците од тоа време знаат дека мелодиите и песните што се изведуваа беа со висок музички квалитет (музика, аранжман, текст), а беа изведувани од најпознатите интерпретатори од југословенската и македонската сцена како: Киќо Слабинац, Зорица Конџа, Кемал Монтено, Маја Оџаклиевска, Ана Бекута, Мерима Његомир, Виолета Томовска, Пепи Бафтировски, Блага Петреска, Петранка Костадинова и уште многу наши легенди, покрај кои беше чест да настапувам. На почетокот на мојата кариера тука беа Драган Мијалковски, Верица Ристевска, Даниела Панчетовиќ и Сашка Петковска, со која бевме многу блиски, пред сѐ како битолчанки, и која ми беше пример на однесување на сцена и надвор од неа.

ВБУ: „Златно славејче“ е првиот детски фестивал во Македонија, најстар на Балканот, а втор по старост во Европа. Во тоа време беше и единствен детски фестивал во нашата земја. Сепак, и покрај тоа што беше единствен, квалитетот на песните кои ни ги презентира тој фестивал, оставија траен белег за детската песна. Денес во Македонија има околу 20-тина фестивали на детски песни, но хит како „Еј гулаби, гулаби бели“ во поново време сѐ уште немаме. Отсуствува ли креативност кај авторите или, едноставно, немаат инспирација да создадат хит?

БДЈ: Да, после „Златно славејче“ почнаа да се организираат уште многу детски фестивали, но песничките беа хитови за определен период и со текот на времето како да избледеа. Мислам дека од првите години на „Златно славејче“  се создадоа  најголемите хитови, а некои од нив  јас и денес им ги пеам на моите внуци. Затоа, и самиот маестро Александар Џамбазов, кога во едно интервју го прашаа: „На што е  горд?“, тој одговори: „На Златно славејче“!

ВБУ: 50 години не е мал јубилеј за една песна, посебно што тоа е песна за деца. Според Вас, на што се должи слушаноста на оваа песна и зошто оваа песна не замина во заборав, како многу други песни, туку „Еј гулаби, гулаби бели“ остави траен белег во македонското музичко творештво и во опусот на маестро Џамбазов?

БДЈ: Песната „Еј гулаби, гулаби  бели“ и по 50 години не замина во заборав, затоа што носи порака, која и по 50 години е сѐ уште актуелна, а тоа е: МИР ВО СВЕТОТ! Музиката направена од маестро Џамбазов е певлива, посебно рефренот е распеан, полна е со енергија, песничката е моќна,  но и нежна, за да можеш да ја пееш и како приспивна. Барем јас така ја доживувам. Многу генерации пораснаа со неа и затоа уште многу, многу ќе се слуша.

ВБУ: Дали Билјана денес ги следи музичките фестивали, дали слуша македонска музика и кое е Вашето мислење, воопшто, за македонската музичка сцена денес?

БДЈ: Да, ги следам оние фестивали, за кои мислам дека нудат квалитет, пред сѐ оние, на кои интерпретацијата и музиката се во живо. Слушам македонска музика, претежно македонски евергини, кои опфаќаат музички опус од периодот на моето детство и младост. Новата  македонска  забавна  и народна музика сакам да ја слушам, ако песната веднаш можам да ја прифатам. Можеби ова звучи старомодно и без никој да се навреди, но песните од минатото, според мене, поседуваат повисок квалитет. Снимани се со инструменти во живо, а денес компјутерот ја прави музиката. Чест на исклучоците. Горенаведеното се потврдува со тоа што и младите пејачи, било во народната или забавната музика, сакаат да ги преснимуваат старите песни и мелодии во нови аранжмани, а и ден денес се изведуваат на концерти, кафулиња, седенки… Тоа значи дека македонската забавна и народна музика живее и ќе живее во нашиот народ со векови.

ВБУ: Искрено Ви благодариме на одвоеното време, Ви го честитаме јубилејот – 50 години од изведбата на песната „Еј гулаби, гулаби бели“. Дали повторно ќе Ве видиме и слушнеме на некој фестивал, а со тоа и да го збогатиме Вашето портфолио на нашиот Македонски музички регистар?

БДЈ: Ви благодарам и јас, пред сѐ, што се сетивте на овој јубилеј и што преку моите одговори на Вашите прашања ме вративте во периодот на моето детство и младоста, а со тоа ме потсетивте на многу моменти  од мојата музичка кариера , со која се гордеам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи