НБО и АСО: Бегалците од Украина ослободени од плаќање гранично осигурување

Facebook
Twitter
Email
Print

Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување. Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.

„Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потребна од изнаоѓање општоприфатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Во оваа ситуација за посебно истакнување е хуманиот пристап, ажурноста и ангажманот на сите 11 друштва за осигурување. Искрено веруваме и се надеваме дека разумот ќе надвладее, а мирот ќе завладее и лицата со статус бегалци набрзо ќе се вратат во својата земја“, истакна д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.

Одлуката на НБО важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја. Одлуката на НБО ќе важи до 30 јуни годинава.

При носењето на одлуката НБО, во координација со АСО, се водеше од универзалните начела за солидарност и пружање помош за бегалци од воени подрачја.

„Ова е наш придонес со кој им посакуваме добродојде на лицата од Украина со статус на бегалци. Со овој чекор веруваме дека макар и малку ќе придонесеме за олеснување на нивната моментална положба. Сите членки на НБО покажаа исклучително силна солидарност и единство во барањето и наоѓање на решение со кое требаше заеднички да придонесеме во ублажување на тешката состојба во која се наоѓаат овие лица со статус на бегалци“, потенцираше Трајче Латиновски, директор на НБО.

Оваа одлука беше донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување. Одлуката на Управниот одбор на НБО ја поддржаа: „Триглав Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, АДОР „Македонија ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Винер ВИГ“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Уника“ и „Халк осигурување“.

Управниот одбор на НБО одлучи од својот Гарантен фонд да ги надомести сите евентуални штети во сообраќајот што би ги предизвикале тие возила во земјава.

Со оваа одлука осигурителните компании, НБО и АСО приклучувајќи се на иницијативата од Владата, во рамки на надлежностите и можностите, дадоа свој придонес за ублажување на состојбата на лицата бегалци од Украина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи