Претседателот на ССК, Ангелоски и кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо во посета на „Специјал“

Facebook
Twitter
Email
Print

Трајан Ангелоски, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија и Џанг Ѕуо, амбасадор на Народна Република Кина денеска остварија посета на производствениот капацитет на фабриката „Специјал“, на која присуствуваа и претставници на винариите „Венец“, „Бовин“ и „Вила Марија“ со цел заеднички да продискутираат околу можностите за зголемување на трговската размена меѓу двете земји пред се во делот на земјоделството и во користење на обновливи извори на енергија.

Претседателот на Сојузот, Ангелоски истакна дека многу од членови на деловната мрежа имаат потенцијал и квалитет кој може да го понудат на кинескиот пазар, но потребно е да се направат подобри директни комуникации меѓу деловните субјекти за што важна улога има соработката меѓу амбасадата и Комората.

„Народна Република Кина е земја со која негуваме долгогодишни пријателски односи, но се уште има големи можности за унапредуваме на економската соработка. Со денешниот настан креираме можност високите дипломатски претставници во нашата земја како што е амбасадорот Џанг Ѕуо изворно да се запознае со високиот степен на техничко-технолошки развој на компаниите кои се членки на Сојузот, како и непосредно да добие информации за квалитетот на производите кои ги нудат и кои сметаме дека може да бидат конкурентни на кинескиот пазар и другите странски пазари. За подобра соработка на економските оператори од нашата земја и од Кина, им е потребна директна конекција и добра препорака, на што работиме заеднички“, истакна Ангелоски, кој потенцираше дека организацијата на ваков вид на посети ќе добие редовна месечна динамика.

Претставниците на кинеската амбасада истакнаа дека имаат голем интерес и потенцијал за унапредување на економската соработка со регионот на Југоисточна Европа особено со нашата земја, која има стратешка позиција. По завршување на официјалниот дел амбасадорот Ѕуо и другите претставници на амбасадата направија и обиколка на производниот капацитет на „Специјал“ за поблиску да се запознаат со техничко-технолошкиот процес и условите на производство, а се организираше и дегустација на сортни вина.

Статистичките податоците покажуваат дека стоковата размена меѓу двете земји во 2022 година бележи раст во однос на 2021 година, увозот од Кина лани изнесувал 644 милиони евра, што е зголемување за 23,2 отсто во споредба до 2020 година, а извозот е во вредност од 155 милиони евра што е раст од 10 отсто.

Во насока на зголемување на економската соработка меѓу двете земји Сојузот на стопански комори на Македонија остварува традиционална и блиска соработка со Кинеска амбасада во нашата земја, како и со кинеските стопански комори. Во 2015 година се потпиша Меморандум за соработка со All-China Federation of Industry and Commerce (ACFIC), со што се формализираат континуираните напори на Сојузот да ја поттикне и унапреди економската соработка меѓу нашата земја и НР Кина на ниво на претставници на приватниот сектор, како и да се зголемат можностите за извоз и создавање на трговски партнерства.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи