Интернационалната полициска асоцијација Македонија – регион Прилеп и КПД Затвор Прилеп организираа голема еко акција за пошумување во атарот на селото Ореовец, кај манастирот Свети Димитрија. Се засадија околу 2.000 садници на багрем, чии донатори се прилепчаните Зоран Петрески, Наде Трајкоска и една приватна компанија. Инаку ова е четврта еко акција за пошумување која за само неколку месеци се организира во Прилеп. Првите две беа кај манастирот Св. Димитрија кај селото Селце, третата околу манастирот Света Петка кај селото Лениште и сегашната четврта акција во селото Ореовец.
„Како што гледате има добар одзив кај граѓаните оваа акција и тие се се повеќе заинтересирани за пошумување. Покрај оние штетници кои ја ништат шумата ние се трудиме на друг начин да го надокнадиме тоа што тие го уништуваат, а во последниве денови тука во Оревоечко, па и во околината на Прилеп се повеќе има дива сеча и се надеваме дека колку толку со овиие акции ќе го амортизираме тоју удар на шумскиот фонд“, рече Диме Велески, член на ИПА – регион Прилеп.
Инаку реонот на Прилеп и околината, особено овој дел кај селото Ореовец се масовно нападнати од страна на дрвокрадци кои имаат уништено огромни територии.
„Ако алармот е одамна вклучен, сите треба да се промениме ако сакаме да промени нешто во нашето општество. Состојбата е таква каква што е, нажалост се повеќе имаме дрвокрадци. И со овие акции правиме некој баланс за да не дојдеме до некоја еко катастрофа, да не бидеме загадени градови и да не можат нашите деца и нашите поколенија да дишат слободен и чист воздух“, додаде Зоран Велкоски, претседател на ИПА – регион Прилеп.
Акцијата се организираше во чест на нивните прерано починати колеги од МВР регион ИПА Прилеп, Зоранче Маркоски, Дејан Ангелески и Дејан Ристески и колегите од КПД Затвор Прилеп, Дејан Конески и Мице Чапкуноски.
„Се вклучивме денеска благодарение на сите колеги и од КПД Прилеп и ОВР Прилеп и сите добронамерни граѓани на Општина Прилеп што се приклучија на оваа денешна акција сакам да ги поздравам и да им се заблагодарам. Гледаме по сите медиуми дека е загрозен шумскиот фонд околу Прилеп. Се случува масовна кражба, надлежните интервенираат колку што можат. Сакам да упатам апел до сите жители, да реагираат да се приклучат на вакви акции, за да се зголеми шумскиот фонд“, истакна Зоран Крстески, заповедник од затвор Прилел.
Ова е последна ваква акција за оваа пролет, наредната веќе се планира за на есен, кога и дозволуваат временските услови да се садат дрвја.