ВИДЕО – За да компаниите бидат конкурентни неопходно е сами да произведуваат електрична енергија

Facebook
Twitter
Email
Print


Во време на светска енергетска криза, кога енергијата е движечка сила на општествата и без која нема напредок во ниту една сфера, Македонија многу малку се посветува на развојот на единствената бесплатна енергија, а тоа е сончевата. Во меѓувреме милиони евра се даваат за увоз на струја. Ова е ставот на експертите и на бизнисмените кои укажуваат на тоа дека голем број компании сакаат да инсталираат панели за производство на струја, но бирократските процедури за добивање дозвола траеле со месеци и тоа ги одвраќало бизнисмените.

 

„Ние еве како факт завршивме со инсталација на панелите во почетокот на август, а ја добивме дозволата пред еден месец, тоа е предолг период за една таква инвестиција да чека само за документација. Замислете ако имаме такви 50-тина или 100-тина хотели или било кои други објекти кои имаат таква енергетска моќ и може да прерачунаме во пари кои не мора да ги плаќаме надвор од државата за да увеземе струја, туку ќе биде наше домашно призводство“,вели Крсте Блажески, управител на хотел „Дрим“ – Струга.

 

„Ако изведбата од моментот на договорот, зборуваме сега за поголеми системи, трае до 3 месеци, обезбедувањето на сите неопходни на документи за верификација на тој систем трае многу кратно подолго од тие 3 месеци. Така што за тие месеци енергијата не може да се внеси во енергетската мрежа така што тоа е лошо за сите нас“, додаде Зоран Митрески, , управител на ЕФИКС ЕЛЕКТРИКАЛ.

И експертите и бизнисмените сметаат дека берзите можеби ќе се стабилизираат, но енергијата никогаш немало да биде со цена како претходно. Токму затоа компаниите доколку сакале да бидат конкурентни на пазарот, особено оние извозно ориентираните, морале да вградат вакви системи.

На крајот на краиштата дојде време каде што треба и мораме да инвестираме во нештото, затоа што ако ги плаќаме овие цени кои сега се, ние никогаш нема да излеземе на пазарот и да дадеме една понуда која е конкурента со околните држави околу нас“, рече Блажески, управител на хотел „Дрим“ – Струга.

Ако порано овие инвестиции се враќале за 8 или 9 години сега со покачувањето на цената на електричната енергија за скоро 400% инвестицијата се враќала за 2 до 3 години.

„Во многу фирми тие трошоци значат 70 или 80% од вкупните трошоци кои ги имаат фирмите во своето работење. Така што тие би заштедиле 70% во цената на нивните производи, што е огромна заштеда. Што значи ако имаме ефтина енергија, имаме ефтин производ и нормално дека фирмите би опстанале со таков ефтин производ во пазарната конкуренција“, истакна Митрески, , управител на ЕФИКС ЕЛЕКТРИКАЛ.

Експертите се на ставот и на тоа дека наместо да се давало плодно земјиште на странски компании за изградба на вакви системи, да се скратат овие процедури за инсталација на овие системи на крововите на компаниите што би било од далеку поголема корист за целата држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи