Утре чествување за Толе Паша во Крушевица – Самороден војвода и самоосвестен борец за Македонија


Ако легендарните борци за слободата на Македонија ги дале своите животи во беспоштедна и бескомпромисна борба со поробителите, а своите семејства ги ставиле во заложништво за сметка на таквата мисија, има ли поголема причина од тоа да им се одаде почит? Толе Паша, легендарниот војвода, кој станал легенда меѓу населението и меѓу своите соборци ширум Македонија уште за време на својот живот е токму еден од нив. Самороден војвода, самоосвестен борец за Македонија, за која „како знаел, така се борел“, но сосема нескршлив, решен по никоја цена да не им се предава на поробителите, загинал на 3 февруари  1904 година, пред 112 години, во голема и нерамна битка со триилјаден турски аскер, кој добро информиран од својата, но и од грчката шпиунска мрежа, го заобиколил селото Гудјаково во кое била лоцирана четата на војводата. На информацијата дека селото е сардисано, Толе Паша не покажал особена возбуда, ниту особен страв, туку мирно им се обратил на домаќините и на своите комити да завршат со ручекот, па после да бијат битка со непријателот.

Четата се обидела да го пробие обрачот на повеќеилјадниот аскер, но не успеала во тоа. Еден од првите кои бил погоден во битката бил младиот син на војводата, Велјан, кому се обидел да му помогне, па така и самиот смртно бил погоден.

Подоцна, односно во 1999 година екипа на Завод и Музеј од Прилеп, во која беа и неколку надворешни соработници, во скромниот гроб над селото Гудјаково, покрај Кленски Дол пресретнаа трогателна слика на два прегрнати скелети, на постар и помлад покојник, односно на војводата Толе Паша и неговиот син Велјан. Таткото кој, одметнувајќи се од поробителската власт и започнувајќи беспоштедна борба за сопствената и слободата на својот народ, сигурно немал многу можности да се изнарадува и да го прегрне својот роден син, еве, на овој начин, по својата смрт, го зел во вечна прегратка.

Моштите на овие незаборавни борци за слободата на Македонија, во 2001 година беа пренесени во нивното родно село, Крушевица, Прилепско и повторно поставени во заедничка гробница во гробиштата на селото.

Оваа година Чествувањето ќе биде реализирано со следната Програма:

  1. Комитски марш во чест на војводата Толе Паша ПИСОКАЛ – СКАЛА – ЧАШИЦА – КРУШЕВИЦА во организација на Планинарското друштво „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ од Прилеп
  1. Панихида на гробот на Толе Паша во Крушевица 11:00 часот
  2. Беседа за војводата Толе Паша 11:30 часот
  3. Народни песни за Толе Паша и настап на народни уметници и КУД 12:00 часот
  4. Комитски ручек во чест на Толе Паша 14:00 часот
  5. Општонародна веселба

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи