Вчера кај Прилеп е пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија, која преку Македонија требало да заврши во Грција и биле запленети околу 86 кг. марихуана во вредност од околу 300.000 евра, а од слобода е лишен 23 годишниот А.Г од Охрид. Имено во утринските часови на регионалниот пат Битола-Прилеп, на влезот во Прилеп, од страна на полициски службеници била дадена наредба за запирање на патничко возило „ауди А4“ со охридски регистарски ознаки, но возилото наместо да сопре, тоа забрзало при што удрило во 2 полициски возила и го загрозило животот на полицајците. А.Г. се упатил кон излезот на Прилеп при што бил упасен во моментот кога започнал да ја фрла дрогата од прозорциите од автомобилот.
„Од извршениот увид, во присуство на Јавен обвинител од ОЈО Прилеп, во торбите покрај возилото биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, кои се подигнати и предадени на вештачење. Воедно, при претрес извршен со судска наредба во домот на А.Г. во Охрид, биле пронајдени 17 куршуми со различен калибар. Од страна на ОВР Прилеп во текот на денешниот ден против А.Г. ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела за „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, истакна Сузана Прањиќ Талевска, портпарол на МВР.
Инаку МВР во два наврати лани исто така имаше акции кај Прилеп за одземање на поголеми количества марихуана кои транзитираат низ Македониија. Во првата беше одземена дрога вредна 800.000 евра, а во втората акција вредоста на запеленетата марихуана изнесуваше 200.000.