МФ: Граѓаните од денеска ќе можат да аплицираат за субвенциониран кредит од проектот „Купи куќа, купи стан“

Граѓаните од денеска ќе можат да аплицираат за субвенција за станбен кредит од државата преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Објавен е јавен повик согласно кој граѓаните ќе можат да поднесат барање, заклучно со 31 август 2022 година, за државна субвенција на учеството или на месечната рата за купување на нов стан или изградба/купување на нова куќа.

Субвенцијата се одобрува за станбен кредит до 50.000 евра, чиј рок на отплата не е пократок од 20 години и истата може да достигне и до 20.000 евра, согласно избраниот модел на субвенционирање и висината на кредитот. Согласно избраниот модел субвенционираниот период може да биде и до 11 години.

Граѓаните можат да аплицираат за 6 различни модели коишто нудат различни поволности согласно тоа дали сакаат да аплицираат за субвенционирање месечна рата на кредитот или за учество, во зависност од тоа дали аплицираат за купување стан или куќа и во зависност од возраста. Повеќе за моделите може да се види во прирачникот објавен на веб-страницата на Министерството за финансии.

Каматната стапка согласно утврдените критериуми изнесува 2,9 % во првите 3 години и 3,9 % во четвртата и петтата година од отплатата на кредитот при изборот на варијантата за субвенција на месечната рата, додека кај моделот субвенционирање на учеството каматната стапка изнесува 4 проценти за цело времетраење на отплатата плус 6-месечен Eурибор.

Согласно утврдените услови и кретируми корисници на субвенциониран кредит може да бидат лица кои не се или се во брачна заедница, при тоа да не поседуваат стан или куќа на свое име или на име на брачниот другар, месечните приходи се дефинирани на максимален износ од 900 евра за оние кои не се во брак и 1.300 евра за брачен пар. Продажната цена на станот што се купува со субвенционираниот кредит не треба да надминува 900 евра за метар квадратен и површина до 150 метри квадратни.

Заинтересираните граѓани може да поднесат барање за субвенциониран станбен кредит во комерцијалните банки во земјава преку кои се спроведува проектот, односно НЛБ  банка, Стопанска банка – Скопје, Шпаркасе банка, Стопанска банка – Битола, Силк Роуд банка, ТТК банка и Прокредит банка.

Преку проектот „Купи куќа, купи стан“, кој се реализира 10 години, досега  се одобрени над 2.000 барања, при што износот на одобрените кредити е над 73 милиони евра, а одобрените субвенции над 18 милиони евра.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи