По пауза од околу 10 години во Крушево повторно се враќа „Ликовната колонија” во организација на Агенцијата за иселеништво на која учество зедоа 11 уметници од Македонија кои живеат во странство. Колонијата има за цел меѓусебно да ги вмрежи уметниците од дијаспората за понатамошни заеднички проекти од областа на културата.
„Убаво е дружењето затоа што се запознаваме подобро помеѓу нас ние уметниците. И мислам дека оваа ликовна колонија која се обнови е многу добра за нас за иселениците Македонци кои работиме надвор да се запознаеме и да си помагаме повеќе едни со други, да соработуваме и исто така во тие краеви каде што сме да се повикуваме и таму да се претставуваме“, рече Силвана Миленкова Силва, македонски уметник од Данска.
„Многу интересно е за мене и возбудливо и се надевам дека и во иднина ќе бидам дел од ваквите колонии. Овој пат се одлочив за колаж комбинација, урбан поп арт, и за прв пат употребувам кирилица на моите портрети“, додаде Натмир Љура, македонски уметник од Данска.
Овие уметници за прв пат беа дел од возобновената иселеничка колонија. Велат дека се восхитени од Крушево како град кој бил навистина прекрасно место за инспирација и за творење. Вакви ликовни колонии и дружења биле карактеристични за Балканот, но не толку и за Европа, затоа биле пресреќни што се тука.
„Бев и порано со македонски и странски уметници на други сликарски колонии. И тоа е добра традиција тука во Македонија, во Србија, во Хрватска исто ова се случува, но во Холандија кај нас тоа не е така честа појава. Но и таму се дружиме на исложби и сликаме, така што се стимулираме едни со други за да уметноста добро се покаже во светот. Затоа што тоа е единствено нешто што останува после сите нас, уметноста трае долго“, кажа Славица Секуловски, македонски уметник од Холандија.
„Тоа е нешто кое ми се допаѓа особено ова место ме претставува како уметник, тоа е тоа што барам во својата уметност. Откривам тука многу заеднички работи со Романија и тоа ме радува многу и сакам јас да оставам тука впечаток на мојата уметност“, рече Мирела Димитреску, македонски уметник од Романија.
Уметниците се надеваат дека ваквите колонии во иднина ќе ги има повеќе за да може да разменуваат искуства, но и преку нив да ја промовиираат Македонија низ светот.
„Јас многу се радувам што конечно имаме прилика голем број на македонски уметници кои живеат во светот, во дијаспората, да се собериме на едно место да ги размениме нашите ликовни размислувања, но и да размениме некои контакти за следни наредни соработки кои ќе ни помогнат нас македонските уметници подобро да ја претставуваме македонската култура и уметност во светот“, потенцираше Синиша Новески, македонски уметник од Србија.
„Вакви и слични колонии во Словенија и околните државии има доста, соработуваме многу повеќе отколку тука. Се надевам дека Македонија ќе направи уште повеќе вакви колонии и дека ќе ги има почесто, не само еднаш во годината. На тој начин дијаспората би се среќавала повеќе, би разменувала меѓусебни знаења со кои би ја развивале уметоста, а Македонија би ја претставувале надвор од Македонија“, вели Боре Митовски, македонски уметник од Словенија.
Секој уметник ќе изработи по 2 дела, од коии едното останува на Агенцијата за иселеништво, а ќе биде направен и каталог од уметничките креации.