ВИДЕО – Крушево доби нов паркинг и се рехабилитираше ул. „Питу Гули“, с. Јакреново нов резервоар за вода, а дополнително вода и за зоната „Опаленик“


Комплетно се реконструираше улицата „Питу Гули“ во Крушево, а во близина на хотелот Монтана градот доби и нов паркинг, што и тоа како недостасуваше во овој град. Инвестицијата е на Министерството за транспорт и врски и чини 5,5 милиони денари. Од таму истакнаа дека освен за патна инфраструктура Министерството одделувало средства и за изградба на канализациона и водоводна мрежа во Општина Крушево за дел од населените места.

„Во овој момент активно работиме и сме во завршна фаза за изградба на резервоар за поврзување со мрежата за водоснабдување во населеното место Јакреново како и на водоснабдување на индустриската зона „Опаленик“ за што вкупно инвестиравме, речиси 10 милиони денари. Изградбата на резервоарот во Јакреново е скоро готова, во овој момент се врши испитување на негово поврзување со постојната водоводна мрежа и очекувам до крајот на овој месец тој комплетно да биде завршен како проект. Исто така би сакал да потенцирам дека завршивме со проектите за водоснабдување во Борино, Саждево и Норово за кои вкупно инвестиравме речиси 19 милиони денари со што значително го подобривме животот на граѓаните во Општина Крушево“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, истакна дека со помош на Владата и Министерството за транспорт и врски во општината биле инвестирани 630.000 евра за патна инфраструктура и уште 600.000 евра за канализациони и водоводни мрежи.

„Изградивме резервоар за питка вода во село Борино, изградивме водоводна мрежа долга 2,5 км. во село Саждево, сега изградивме резервоар за питка вода во село Јакреново, продолживме кон село Пресил каде се изгради резервоар за питка вода. Дополнително обезбедивме средства околу 9,5 милиони денари за зафаќање на извори за обезбедување на вода за индустриската зона „Опаленик“. Се имплементираа доста проекти кои значеа живот во сите населени места, поточно патен правец Стопанство-Алданци-Норово, кој беше децениски проблем со кој се соочуваа нашите сограѓани од Норово и Алданци. Во наредниот период ќе се имплементира патен правец од село Врбоец кон село Кривогаштани, од Врбоец кон Свето Митрани и дополнително Борино кон село Саждево“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Според Христоски за 4 години во општината биле рехабилитирани 50 километри патна инфраструктура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи