По пауза од 2 години поради пандемијата на Ковид 19, вечерва започнува 18-то издание на најпознатиот и најмасовниот фестивал во Македонија – „Пивофест 2022“. Фестивалот ќе трае до недела, а оваа година акцентот е ставен на македонската музичка сцена, со гостување на само неколку музички имиња од странство. Според организаторот Арт 10 продукција и Пеце Стоикоски, кој го организираше и првиот Пивофест во далечната 2003 година, гостите ќе уживаат во прекрасната атмосфера, вкусната скара и ладното пиво.
„Го враќаме во еден нов сјај кој мислиме дека е почеток на една следна иднина која што допрва треба да ја градиме со култура и уметност и дружење во градот. И мислам дека нивото кое сакаме да го создадеме оваа година ќе биде дооволна причина за сите посетители од Македонија и нашиот град да излезат и да бидат присутни, заедно да се дружиме со македонските артисти кои што оваа година ги има повеќе на број за разлика од претходните години, но секако ги испочитувавме и артистите од соседниите држави“, истакна Пеце Стоикоски, организатор на Пивофест.
Според проценките на Општина Прилеп, која е поддржувач на настанот, за 4 –те фестивалски денови се очекувало во Прилеп да дојдат околу 100.000 гости од цела Македонија кои од посебните редарски служби ќе бидат пречекувани на влезовите од градот и ќе бидат упатувани до паркинг местата. Пивофестот има големо значење за локалната економија во Прилеп и целиот околен регион.
„Сите тие луѓе доаѓаат, се сместуваат во Прилеп, со тоа работат угостителските објекти, Прилеп има и доста знаменитости, аквапарк, убави ресторани, убави места за посета, што покрај официјалната програма е повод плус младите да дојдат во Прилеп. Се разбира во овој период се и нашите иселеници од странство кои ја посетуваат Македонија и кои токму во овој период, по Петровден, кога се одржува Фестивалот доѓаат во Прилеп“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Дел од собраните средства од паркингот за овие 4 дена ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Секој ден програмата на фестивалот на главната бина ќе започнува околу 18 часот и ќе трае до 1.30 после полноќ, а потоа забавата ќе продолжи на алтернативната сцена со македонски ДЈ до раните утрински часови.