ВИДЕО – „Веќе сите солзи ни се исплачени, немаме ништо повеќе“ – апел за донација за опожарените домови


Помина точно една недела откако големиот пожар во Прилеп, кој настана од удар на гром, до темел пеплоса 4 куќи, а 7 жители на градот сега се останати буквално без ништо. Немаат кров над главата, а им изгоре и се што печалеле целиот живот. Моментално се сместени кај свои роднини и пријатели, а дел во Домот за стари лица. Но за брзо ќе мора да заминат под кирија, која треба да ја плаќаат, но немаат од што. Им недостасува буквално се, од пари, храна, облека. Очајно молат за помош од секаков вид.

Ситуацијата е многу тешка, колку и да бидеме ние јаки, да се бориме цврсто, некако да се составиме на некој начин за да можеме да го пребродиме сето ова, иако под терапии, под апчиња… не знам, немам зборови со кои можам да ја опишам болката што ја чувствувам. Веќе сите солзи ни се исплачени, немаме ништо повеќе, немаме ништо повеќе за жал“, вели Марина Илиеска, сопственик на еден од опожарените домови.

Благодарни се што помош пристигнувала од повеќе места, но била потребна многу повеќе за да си го вратат нормалниот живот.

Хумани луѓе, им благодарам од се срце на сите хумани луѓе, верувајте излегувам вчера низ чаршија за да завршам работа по институции, по банки, Центар за социјална работа, полиција, ме застануваат, Марина чекај, ме познаваат и од телевизии, еве 5.000, 2.000, 1.000 денари. Сите тие средства ги собираме, ги запишуваме и сите се внесуваат во банка на заедничката донаторска сметка која што ја имаме отворено, а носител на таа сметка сум јас“, додаде Илиеска.

Пожарот настанал неколку минути после полноќ. А сите 7 мина ги разбудил соседот кој го забележал огнот. Доколку не бил тој сигурно би имало и жртви.

Бараме финансиска помош, киријата треба да се плати, да земиме нешто за јадење, еве облека има, има луѓе многу, фала му на Бога, само здравје да дава. Сега сместени сме под кирија, мојата братучеда и таа зеде клуч и сега е под кирија, треба финансиски средства за да се помогне. Сето ова што го носиме на нас е донирано. Замисли си имал се‘ и сега бараш да ти донира некој, тоа е многу болно“, кажа Ивана Ѓорѓиевска, сопственик на еден од опожарените домови.

Како помош секцијата на бербери, фризери и козметичари од Прилеп, организираше хуманитарна забава, со ДЈ, стрижење и шминкање, а сите собрани средства беа наменети за овие домови.

„Општо е познато дека ние еснафот во Прилеп излегуваме секогаш први во сите акции, можеби не толку многу да помогнеме финансиски колку што правиме поттик сите други хумании луѓе и општествени сегменти да се вклучат во оваа иницијатива за да се помогне што е можно повеќе. Исто така веднаш од наредниот ден откако се случи несреќата ние во нашите фризерски и козметички салони веќе поставивме кутии за донации и тие ќе стојат таму се додека е потребно“, вели Крешимир Здравески, член на секцијата на бербери, фризери и козметичари од Прилеп.

Наскоро се очекува поголема помош од Општина Прилеп и бизнис секторот, а најавени се и други хуманитарни настани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи