Катастрофална поплава во Општина Долнени – во Лажани поплавени 50-тина куќи


Попладнево Општина Долнени беше погодена од катастрофално невреме. Иако беа погодени повеќе села, сепак најголеми штети од сите населени места има во селото Лажани, каде се излеа Саждевска река и се поплавија 50-тина куќи по течението на реката од нејзината лева и десна страна. Водата во овој момент започна да се повлекува, но тука во селото Лажани ситуацијата е се уште навистина критична, на терен се излезени екипи на ТППЕ Прилеп, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување кои со моторни пумпи, заедно со жителите од Лажани се обидуваат да ја извлечат водата од поплавените домови. Со багери пак се расчистуваат големите наноси на кал и се она што со себе го носеше водата.

На терен е и градоначалникот Урим Ибески од Општина Долнени, тој ни рече дека до оваа ситуација дошло поради тоа што несовесни граѓани постојано фрлале шут и ѓубре во реката, а имало и узурпација на околниот простор со скелиња и други предмети и објекти, со што бил оневозможен нормален проток на водата. Но сепак и Ибески признава и потврдува дека станува збор за огромни количини на дожд, кој врнел околу 3 часа, но дополнителни количини на вода надошле и од околните планини. Така што речното корито немало капацитет да ја собери целата вода која во тој момент поминувала низ Лажани.

Некаде се поплавени подрумите на куќите, а некаде и првиот спрат. Жителите кои претрпеа најголема штета се евакурирани од домовите и ноќта ќе ја поминат кај свои роднини и пријатели. Тие од домовите беа спасувани и извлекувани со помош на трактори од нивните сожители. До овој момент нема пријавено за повредени лица или жртви.

Моментално во поголем дел од општината превентивно е исклучена струјата за заштита на жителите. Екипи од ЕВН се на терен и ја следат ситуацијата. Освен кај домовите утре ќе има појасна слика колкава е штетата и кај земјоделските култури. Од Општина Долнени велат дека и понатаму остануваат на терен со жителите.

Допрва треба да се процени штетата, а најверојатно утре освен што ќе се формираат комисии за проценка на штета, ќе се бара поголема помош и поддршка од централната власт. Утре ќе се има една појасна слика за тоа колкави се штетите и  како точно се случила оваа поплава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи