Комора на приватно здравство: Висината на капитацискиот бод да се одредува според методологија

Facebook
Twitter
Email
Print

Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија истакнува поддршка на протестот на матичните лекари и на Здружението на приватни лекари, како релевантни претставници кои ги обединуваат и артикулираат ставовите и интересите на најголем број од лекарите и здравствените установи во примарната здравствена дејност. Барањата на матичните лекари се легитимни и реални, а системот е неодржлив, за што доказ се големиот број на проблеми кои се јавуваат.

„ Приоритет во работата на секој лекар е грижата за пациентите, но за таа да може да се одржи на квалитетно ниво, потребни се соодветни услови. Комора на приватно здравство која обединува повеќе сегменти на приватни здравствени установи дава целосна поддршка на протестот на матичните лекари и уште од јануари апелира на дијалог, истакнува д-р Тања Дејаноска, претседателка на Комората за приватно здравство.

Преку својот претставник во Управниот одбор барањето за зголемување на капитацискиот бод за матични лекари и матични стоматолози Комората за приватно здравство го постави на дневен ред на Управен одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари годинава.

„Барањето го аргументиравме со соодветни пресметки кои покажуваат реален пораст на трошоците на здравствените установи од примарната здравствена дејност, што доведува и до пораст на цената на услугата која тие ја даваат.  Оттогаш до денес нема промени.  Во меѓувреме, годинава имаше ново зголемување на платите на вработените во ФЗО како и на вработените во јавните здравствени установи, исто како и изминатите години. Со што е очигледна дискриминаторската политика на ФЗО кон приватните здравствени установи. За јавните здравствени установи исто така во континуитет се обезбедуваат средства за сервисирање на долговите кои ги генерираат и им се зголемуваат буџетите, додека за матичните лекарите кои се дел од истиот систем нема никаква поддршка“, истакна претседателката на Комората на приватно здравство.

Таа потенцираше и дека капитацискиот бод не може и не смее да се биде политичка одлука, туку истиот мора да се пресмета според посебна методологија, која ќе ги вкалкулира сите трошоците и ќе даде реална цена на услугата.

„Секој друг пристап е неодржлив и предизвикува постојано деградирање и уништување на здравствениот систем. Новата сериозна закана што доаѓа поради енергетската криза дефинитивно ќе удри најсилно по ординациите на лекарите посебно во руралните средини и во помалите места и тие ќе бидат принудени да ги затворат нивните ординации. Лекарите ќе останат без работа, а пациентите во тие места ќе останат без лекари. Ќе се создаде вистински хаос“, истакнува д-р Дејаноска.

Комората на приватно здравство очекуваше дека министерот за здравство Беким Сали со поголема енергија ќе се посвети на подобрување на состојбите во примарната здравствена заштита.

„Очекувавме поголема ангажираност и разбирање за проблемите на матичните лекари од министерот Сали бидејќи доаѓа од примарното здравство. За жал не само што не се постигна дијалог туку не се реши ниту еден проблем. Исто така истакнуваме дека не сите проблеми со кои се соочуваат приватните здравствени установи се со финансиски импликации, за некои треба само добра волја за да се решат, но според тоа како се одвиваат работите и тоа недостасува“, истакнува Дејаноска, потенцирајќи дека во наредниот период ќе се преземат и правни мерки против дискриминација на приватните здравствени установи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи