Фото изложба на тема „Културното наследство на Општина Прилеп“

Вчера во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп се одржa завршниот настан на проектот „Културното наследство на Општина Прилеп преку објективот на младите“ којшто Фото Кино Клуб „Прилеп“ го реализира со поддршка на Министерството за култура на РСМ. Беа изложени вкупно 50 фотографии од најзначајното културно наследство на Општина Прилеп кои ги изработија младите членови на Клубот. На настанот беа доделени и сертификати на 20 млади лица кои беа вклучени во проектните активности.

Основна цел на проектот „Културното наследство на Општина Прилеп преку објективот на младите“ е да ги продлабочи знаењата и вештините на учесниците од областа на архитектонската фотографија и културното наследство, но и како да ги искористат истите во насока на визуелно претставување и поголема промоција на Општина Прилеп.

Во рамките на проектните активности, учесниците имаа можност да посетуваат едукативна работилница, пришто научија нешто повеќе за видовите и значењето на културното наследство на Општина Прилеп. Исто така, беше реализирана и работилница на тема: Архитектонска фотографија каде што младите креативци ги усовршија своите вештини во процесот на креирање и едитирање на фотографии од областа на архитектурата.

 

Ваквите едукативни настани се од особено значење за подигнување на свеста кај младите за значењето и вредностите на нашето културно наследство, за развивање свест за грижа, заштита и промоција на културното наследство, како и за разбирање и почитување на културната разноликост.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи