Непознати сторители утринава направиле вистински масакр на багремовите дрвја засадени во гробиштата во селото Дабница. Уништени и исечени се 30-тина дрвја, а дел од нив при сечењето паднале и оштетиле дел од надгробните споменици. Гробиштата се во состав на селската црква Свети Никола. Дрвокрадците без страв од никого утринава ги исекле дрвјата, дел од жителите ги слушнале моторните пили, но поради страв за својот живот не се осудиле веднаш да отидат на местото.
Дабничани случајот денеска го пријавиле во полиција, но велат дека се крајно револтирани затоа што ова не е прв пат да се уништуваат дрвјата на овие гробишта и околу селската црква Свети Никола. Револтирани се на институциите затоа што ниту еден случај досега на кражба или уништување на црковниот имот не бил разрешен.
Во април оваа година исечени беа дрвјата околу црквата и беше извршена тешка кражба во православниот храм. Крадците го откорнале металниот прозорец од олтарот и на таков начин влегле во објектот. При оваа кражба уништена беше ии трпезаријата. Повторно кражба се случи и во јули кога од црквата се украдоа круните за венчавање, кандила, кадилници и други помали предмети кои се употребуваат во богослужбите.
Жителите велат дека денешниот настан ги надминал сите нивни граници на трпение и не можат да ја поднесат повеќе оваа тортура и нереагирањето на институциите. Доколку не се преземат поголеми мерки за заштита на нивниот имот најавуваат радикализирање на нивното однесување со протести, па дури и преземање на правдата во свои раце.