Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 18-тата седница на која беа поместени повеќе точки од кои една беше за алокација на средства од општинскиот буџет за до крајот на годината.
„Првата точка е алокација на средства од општинскиот буџет за до крајот на годината, беа направени одредени пресметки од општинската администрација и секторот на финансии и со она што како чекор го направивме како Совет на Општина Прилеп градоначалникот како извршна власт со давањето на броилата на Јавното претпријатие за енергетски дејности „Енерго Прилеп“, сметката за јавното осветлување во градот драстично се намали и можам да кажам во септември ако плативме околу 10 милиони денари, за октомври сметката изнесува 3 милиони денари. Тие средства беа ослободени и со тие средства се покриваат дел од трошоците кои што се однесуваат на превоз на учениците од средните училишта за кои што имаме законска обврска и дел од средствата, она што е потпишано со колективниот договор за исплата на 13 плата на општинската администрација и вработените во ТППЕ. Алокација на средства, од средствата кои се ослободени од она што беше планирано за плаќање на новогодишното осветлување, сега се пренаменуваат во исплаќање на услугите кои ги врши јавната администрација согласно колективниот договор и тековни активности во однос на исплаќање на средства за превоз на ученици. Имаше уште неколку ставки кои што се променети од типот на секојдневното работење и фунцкионирање на Општина Прилеп и јавните претпријатија кои ја користат општинската буџетска сметка“, рече Дејан Проданоски, претседател на Совет во општина Прилеп.
Советот на Општина Прилеп донесе и правилник за талентирани, односно наградувани ученици. Ваков правилник се носи за прв пат од децентрализацијата во 2004 година.
„Досега средствата биле паушално исплаќани, по убедување, а сега го востановивме како што ветивме пред изборите дека конечно сите работи мора да се стават на хартија, односно се предвидени одредени висини на суми. Имено, за децата кои што учествувале на меѓународни натпревари и зеле прва награда 9.000 денари, за втора награда 8.000 денари и трета награда 7.500 денари, а за децата кои учествувале на државни натпревари прва награда 7.000 денари, втора награда 6.000 денари и трета награда 5.000 денари и согласно овој правилник за тековната година ќе бидат исплатени средства, односно уплатени на сметките на оние кои што побарале, односно на учениците кои излегле на меѓународни и државни натпревари во претходната учебна година и согласно овој правилни за наредната учебна година ќе се применува со овие средства“, додаде Проданоски.
Советот денеска ја намали и цената на водата за декемвриската сметка, откако ЈКП „Водовод и Канализација“ доби субвенционирана електрична енергија.
„Она како најважно, за кое беше вознемирена прилепската јавност со одредени прес конференции, ние тоа што го направивме кога направивме промена на висината на цената за водоснабување, цената за одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води, согласно она што се случува во државата дека по одлуката на владата се спроведоа одредени чекори и чекаме во секој момент од она што не информираа од ЈКП „Водовод и канализација“ дека ќе стигне одговорот за субвенционирано снабдување со електрична енергија на претпријатијата кои што вршат водоснабдување и одведување на урбани отпадни води и со тоа од денеска, 1 декември граѓаните на општина Прилеп почнувајќи од декемвриската сметка ќе плаќаат иста цена на овие услуги од ЈКП „Водовод и канализација“, од пред воведувањето на оваа услуга и таа непопуларна мерка беше во времетраење од само еден месец и се враќаме повторно на старата цена која важи и е определена од Регулаторната комисија во таа рамка за тригодишен пресметковен период. Советот од она што традиционално како одлуки ги донесува, тие се одлуките за утврдување за исполнети услови за определување на правен статус на бесправно изградени објекти, такви беа 13 точки и 3 точки кои се од пошироко значење на општината, а тоа се 2 нацрт урбанистички планови кои се воведуваат согласно новите закони за урбанистичко планирање за четврт три и четврт четири, блокови 3.12 и блок 4.1. Конечно се донесе и еден детален урбанистички план за населеното место Крстец, катастарска општина Крстец за плански период од 2019 до 2029 година“, истакна Проданоски.