Филмска бркотница се случувала утринава во близина на селото Дупјачани во Општина Долнени помеѓу полицијата и жител на едно село од Долненско, дознава Инфо Компас од свои извори. Засега непознатиот сторител во возило „Застава 128“, кое било без регистарски ознаки, пренесувал тутун за кој се има сомнежи дека е украден. Додека бегал од полицијата во еден момент застанал го запалил возилото и избегал во непознат правец.
Подоцна било утврдено дека станува збор за истото возило кое пред неколку денови беше украдено од прилепската населба Варош. Полицијата засега не го потврдува во детали настанот, од таму само изјавија дека точно било дека станува збор за украденото возило од Прилеп.
„На 05.12.2022 во полициското одделение Ропотово било пријавено дека на локалниот пат с.Дупјачани-с.Горно Село настанал пожар во патничко возило „Застава 128“ без регистарски ознаки и без познат сопственик. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа на ОВР Прилеп“, се вели во кусото соопштение од СВР Битола.