Општина Прилеп деновиве активно работи на креирање на стратегија за ЛЕР, во која составен дел и е стратрегијата за развој на туризмот, а за таа цел се консултираат сите чинители кои имаат придонес во оваа дејност, спортисти, културни и музејски работници, граѓански сектор, угостители, туристички водичи. Прилеп својот рецепт за привлекување на туристи го најде преку фестивалскиот, спортски и културен туризам кој на градот му носеше илјадници посетители во текот на годината. Таа успешна приказна во последните години има негативен тренд од повеќе причини, а целта на овие средби е да се врати токму тој успешен правец.
„Едно резиме кај сите тие луѓе кои тука зедоа збор е дека на сите нив им треба едно координативно тело што во иднина ќе работи на темата туризам во Прилеп. Дали тоа ќе биде формирање на некаква Асоцијација, туристиички Сојуз или слично, луѓето се желни да помогнат, дадат свој придонес во развојот на туризмот, но им треба меѓусебна комуникација“, рече Гоце Бојкоски, советник во ЛЕР, во Општина Прилеп.
Сите присутни ги кажаа предностите, но и слабите страни на развојот на туризмот во Прилеп на кои треба да се работи во иднина.
„Не можеме се уште да се најдеме на она стојалиште дека треба да работиме одржливо. Тоа значи дека треба да смислуваме производ секој за себе, во својата дејност, да гонудиме тоа, а се разбира дека Општината може да биде еден сервис, една инка каде што ќе се собираат идеите и ќе се разменуваат“, кажа Александар Цветкоски, Завод и Музеј Прилеп.
Сепак сите се задоволни што конечно работите се приидвижуваат со вакви дебати.
„Ќе вроди со плод овој состанок и ќе имаме добра соработка, ќе имаме поголем број на туристи и ќе имаме задоволни гости“, истакна Милан Велески, туристички водич.
„Би било добро да се продолжи со вакви средби кои ќе прават конекција на различни сектори, поединци од различни подрачја за да можеме да соработуваме подобро. Да гии споделуваме своите знаења и искуства и заеднички да ги спојуваме своите сили за изнаоѓање на решеија за доброто на сите“, рече Александра Мирческа, угостител.
Општина Прилеп во моментов нема одделение за развој на туризмот, а неговото формирање според сите присутни би било појдовната точка за решавање на проблемите и развој на оваа економска гранка.