ВИДЕО – Прилепскиот оперски пејач Стефан Неданоски го издава својот прв албум – „Down“ или „Зора“


Стефан Неданоски од Прилеп е еден од ретките оперски пејачи од овој град. Својот талент за музика го открива случајно кога неговиот другар Андреј Иваноски го натерал да се пријават во гимназискиот хор, од каде започнува и целата приказна.

Тоа беше многу случајно, љубовта за уметноста кај мене постоеше многу одамна, откога бев мал и како сега да е се сеќавам како тогаш го слушав на концертите Павароти, Павароти и пријателите и таа љубов само се зголемуваше, особено за операта како дел на тие убави уметности. Понатаму таа љубов само се развиваше и како што станував пообразован музички таа стануваше се поголема и поголема и се повеќе и повеќе сакав да бидам дел од таа убава уметност која се нарекува опера.

Како го откривте вашиот глас?

Тоа беше многу случајно, сакав отсекогаш да пеам затоа што сакав да бидам дел од оваа уметничка дисциплина. Но за жал кога бев помал секогаш ми кажуваа дека ти не си за пеење, немаш глас, а тогаш бев и во фаза на мутација така да не можам толку да ги обвинувам и ми кажуваа дека немам ни слух за опера, дека не можам да станам никаков пејач“, вели Стефан Неданоски, оперски пејач.

Со професорката Тања Ивановска започнува да вежба солфеж, хармонија и теорија на музика, исто така работи и на вокалната техниика со Ивановска, но и со тогашниот диригент на црковсниот хор во Прилеп, Гоце Секулоски. Во областа на вокалната техника многу му помогнале и часовите со првенецот на Македонската опера и балет и еден од нашите најдобри тенори Цветан Стојановски.

Потоа во средно, во втора година, еден мој другар со кого ќе соработуваме на божиќниот албум сега сакаше да појдиме на хор за да бидеме дел од гимназискиот хор. Но јас не сакав заради тоа што тогаш се занимавав со спорт, а и од претходно дека немам доволно слух за да пеам и да се занимавам со музика воопшто. Одиме и тогаш професорката Тања Иваноска не преслушува двајцата, ми вика ај малку запеј да те слушнам како звучиш, како пееш. Јас викам не, нема шанси, не е ова за мене, немам слух, немам глас, немам ништо. Потоа ми вика запеј, можеби стварно имаш глас, вака на зборување гласот ти е добар, многу сакам да те слушнам. И викам стварно јас не можам. Запеј или единица! И јас запеав…

 И од тогаш не престана?

 И од тогаш не престанав“, вели со смеење Неданоски.

 

„Значи главниот виновник за тоа што јас учествувам во оваа уметничка дисциплина, за тоа што станав пејач е професорката Тања Иваноска.

Дали оперските гласови кои ги слушаме се производ на талент, или производ на долго и макотрпно вежбање?

Талентот е премногу важен, бидејќи без талент да се вежба и да се работи е како да се гради куќа на песок, тоа не е можно, талентот е појдовна, стартна работа во кариерата на еден оперски пејач. Понатаму нели е образованието, како што кажав претходно солфеж многу работев, солфежот е многу битен за секој оперски пејач и секој музичар воглавно и теоријата на музиката и хармонијата исто. Понатаму претерано многу важна е работата на вокална техника, поради тоа што вокалната техника буквално е темелот на гласот на еден оперски пејач. За да може гласот да се искористи како медиум, затоа што операта е една приказна која пејачот ја пренесува на самата публика, заедно со оркестарот нели. Гласот е медиум и ако гласот е спремен таа приказна да ја долови, треба да биде изграден, да биде технички подготвен за да не преставува пречка, бидејќи недостатокот на техника преставува пречка уствари во пеењето и во доловувањето на приказната“, додаде Неданоски.

Завршува музичка академија кај професор Горан Начевски и започнува неговата богата кариера. Прв целосен рецитал има на 17 години, потоа своето деби го има на 19 години при Македонска Опера и Балет со главна улога Феррандо во операта „Така прават сите” под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар. Деби во странство има при оперско студио во Вајмар 2019 со главна улога Габриел вон Ајзенштајн во оперетата „Лилјакот” на Штраус во режија на Дамон Нестор Плумис.

Продолжува со бројни концерти во Германија, меѓу позначајниите му се концертите во Марбург и Арнштад. Главна улога, Ринуцио во операта Џани Скики при оперско студио во Кандерстег, Швајцарија во 2021. Концерт во концертна сала на Кандерстег, Швајцарија истата година, а потоа следуваат бројни при Омега Опера Артистс 2021 и 2022 во Белград ии Софија, како учество на концертот во чест на тенорот Камен Чанев во Пловдив 2022.

Моментално работи на неговото првенче, албумот „Down“ или „Зора“ кој треба да излезе за неколку денови.

Моментално завршивме со еден многу голем ангажман, со Саундпил Рекордс студио. Работевме многу на еден голем проект, кој е мојот прв албум, мојот деби албум, се вика „Dawn“, или „Зора“ на македонски. Тоа е албум составен од доста популарни композиции, мои композиции кои се многу важни во самиот оперски репертоар. Тука има арии од „Риголето“, од „Отело“ на Џузепе Верди, од „Турандот“ на Џакомо Пучини, како и некои кросовер композиции кои се многу популарни, многу се убави и уметнички издржани, како „Карузо“ на Лучио Дала, „Уна море козигранде“ на Клаудило Вила. Моментално немаме можност да направиме концерт за да го промовираме овој албум затоа што посветивме многу труд и многу средства на самиот албум, така да тоа би требало да може да се исполни со некои спонзорство, но во моментот немаме никакви спонзорства, албумот е целосно наш сработен, со наши средства и со наш труд. Промоција некоја се надевам дека ќе има, и нормално ако се понуди некоја можност таа можност ќе биде искористена, за да може самиот албум да и се доближи на публиката, да биде подостапен и самата публика да има увиб за што е албумот.

Каде ќе може да се најде, каде ќе може да го слушне публиката?

Самиот албум ќе биде достапен на многу интернет места како Спотифај, Епл мјузик, Пандора итн., значи на сите тие музички интернет места. Исто така ќе биде достапен за купување на Амазон. Албумот го сработивме заедно со Саундпил Рекордс студиото на Ана Талевска во Битола, таа е продуцент во тоа студио и е целосно направен со наши средства и наш труд, значи спонзорства никакви сме немале. И матриците што ги правевме ги правеше таа, помагав и јас, а за некои матрици баравме и дозвола од луѓе кои веќе имаат сработено матрици, нормално за финансиски надоместок за употребување на таа матрица“, рече Неданоски.

Неданоски вели дека во Македонија не е лесно да си оперски пејач, затоа што не сите оперски пејачи ја имале можноста да се вработат во Македонската опера и балет и својата кариера морале да ја насочуваат во странство, а со тие заработени пари таму да ги финансираат своите проекти.

За жал ја немаат сите таа шанса да бидат вработени во „Опера и балет“, мора да изнајдуваат некои други решенија како настапи по странство, ангажмани во странство, затоа што на секој му требаат финансии за да опстои, а исто така финансии се потребни и за проекти. За жал не сите проекти се поддржани од спонзорства и тоа создава уште еден проблем и поради тоа самите оперски пејачи мораат да заработуваат пари со нивните настапи во странство и да вложуваат потоа во свои проекти.

 Колку македонските оперски пејачи се барани во странство?

 Оперските пејачи од Македонија се барани во странство поради својата музикалност, поради бојата на гласот од оваа област тука, но има еден проблем поради тоа што оперските куќи се во некаква криза во ова време во кое живееме сега и поради тоа некогаш не можат да си дозволат да исплатат патни трошоци за оперски пејачи кои се од подалеку. Поради тоа ги ангажираат оперските пејачи кои им се најблиску. Но имаме и ние доста оперски пејачи од минатото кои биле доста успешни во странство, еден од нив е маестро Борис Трајанов, имаме и успешни пејачи кои биле во рамките на Југославија како Симеон Голубовски и воглавно сите наши уметници се доста барани“, истакна Неданоски.

Неданоски вели дека луѓето, а особено младите не слушаат опера, пред се затоа што никогаш и немале контакт со операта. Доколку  во секој град во домовиите за култура барем од време на време би имало опери, бројот на луѓе кои ќе го слушаат овој жанр се повеќе ќе се зголемува.

Повеќето луѓе не слушаат тука опера бидејќи тие никогаш не биле изложени на опера, никогаш немале контакт со опера, никогаш не биле запознати со опера. Мое мислење е кога луѓето би се запознале со оперската уметност дека би имало многу позаинтересирани луѓе, би имале многу поголема публика, дека тоа е кај нас еден стереотип дека не се слуша опера и дека не е баш точно, затоа што во проекти кои биле атрактивни за публиката имало секогаш публика за оперските настани. Кога би можеле да се организираат повеќе оперски настани по домовите за култура во самите градови, кога би имало и поголемо медиумско покривање, поголема реклама и исто кога би се дале повеќе шанси на младите оперски пејачи да се промовираат, да творат и да се преставуваат на публиката тогаш јас мислам дека би имало многу поголема заинтересираност на самата публика да дојде во самиот театар и да следи оперска претстава. Исто така би придонело и самата публика повеќе да се образова за тоа што е опера, да се образова во врска со настаните во самите оперски претстави, за историјата на операта, оперските пејачи и од странство и наши, и историски и денешни. Тогаш јас мислам дека би имало поголема заинтересираност. Ние немаме ни некоја класична програма на телевизија која би придонела за промовирање на оваа уметност. Сигурен сум дека многу поголеми шанси има операта да се престави кај младата публика и таму да има одредена заинтересираност за самата опера да стане популарна и тука“, потенцираше Неданоски.

За неколку дена патува во Грција, во Солун и Атина, каде со големата мецоспранка Стаматија Малуди ќе има неколку концерти. А исто така заедно со неговиот пријател Андреј Иваноски инаку баритон ќе издадат и мини албум со 4 мелодии за празникот Божик со црковни песни.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи