Објавен „Ние“ – четвртиот роман од Ана Стојаноска

Романот „Ние“ на Ана Стојаноска е објавен деновиве во издание на „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“) од Скопје. Четвртиот роман на Стојаноска влезе во потесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година (заедно со „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, кој ја доби наградата „Пегаз“ и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска), што ја доделува „Арс Ламина“ во соработка со фондацијата „Славко Јаневски“.

Романот има интересна, загонетна структура во трите елементарни форми на нарација (јас, ти и ние форма) и истовремено си игра со читателот, поставувајќи го во централната позиција на откривање на тоа што е вистинито, а што измислено во романот. Романот е концентриран на една навидум обична љубовна приказна, помеѓу една писателка и нејзиниот маж, а всушност раскажува неколку попатни приказни, постхумно откриени од страна на нејзиниот сега веќе возрасен син. Романот си игра и со приказната и со читателите, создавајќи една динамична наративна линија, во која еден настан е раскажан и низ призмата на машкиот и низ призмата на женскиот главен лик.

Ана Стојаноска создава роман кој излегува од рамките на вообичаеното раскажување и покажува како една љубовна приказна може да е третирана како наративен предизвик.

Ова е четвртиот роман на Ана Стојаноска, после „Јас и Лин, отпосле“ (прво издание за „Блесок“, 2016, второ издание за „Култура“, 2019 за кој го доби „Рациновото признание“ за 2017г., романот е преведен и објавен и на украински и на англиски јазик), „Дијалози во еднина“ (Култура, 2019) и „Лебед“ (Полица, 2021, во моментов „Книга на месец декември“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје).

Ана Стојаноска (Прилеп, 1977) е писателка, театролог, редовна професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје и актуелна директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп. Авторка е на повеќе од сто библиографски единици од областа на книжевноста, театрологијата и културологијата. Авторка и коавторка на неколку театарски монографии и собрани драми. Нејзината поетска збирка „Потпис: Трепетлика“ ја доби наградата „Антево перо“ за 2020 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи