Денес во Прилеп се одржува првиот меморијален шаховски турнир “МАТ” во чест на тројцата прилепски шаховски великани Митре Џајкоски, Александар Тодоровски и Тане Дулев, во организација на Шаховскиот клуб Прилеп и шаховскиот клуб Пелагон. Прилеп отсекогаш бил и е Град на шахот каде преку шаховска игра се укинуваат сите бариери и разлики и континуирано се учат лекции и достоинствени победи, реми и порази.
Турнирот свечено го отвори Претседателот на Шаховски клуб Прилеп – Тони Кироски, а свое обраќање имаше г-ѓа Тереза Златеска директорката на СОУ “Орде Чопела”, кое е домаќин на турнирот.
Љубовта и успесите во шахот ги споделија истакнати шахисти од нашиот град – примариус д-р Благоја Дамески и Никола Милошески кои веќе долги години се истакнуваат со своите вештини на победливо движење на фигурите на шаховската табла.
На турнирот учество зедоа над 120 учесници на возраст од 7 до 87 години, не само од нашиот град туку од целата држава.
Придобивките од изучувањето шах се многубројни и долготрајни, а Шаховскиот клуб Прилеп и шаховскиот клуб Пелагон преку турнири го промовираат шахот како алатка за дружење, едукација, забава истовремено промовирајќи го главното мото на шахистите – Сите сме еднакви.
Се надеваме дека овој шаховски турнир кој воедно е и рејтингуван во ФИДЕ ќе прерасне во традиција и белег на градот Прилеп, и во наредните години ќе прерасне во меморијален турнир препознаен во границите надвор од нашата држава.