ВИДЕО – За 2 месеци над 130 пожари на отворен простор во прилепско – продолжува неконтролираното палење на стрништа


И покрај апелите на сите надлежни институции дека палењето на стрништата ја загрозува целата околината и воопшто не го зголемува приносот на житните култури, земјоделците во прилепско продолжуваат со оваа штетна стара навика. Од Нова година до денес има околу 130 пожари на отворен простор. Токму затоа беше свикана седница на Регионалниот кризен штаб за општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Со апел дека ќе следуваат казни за палењето стрништа пред некој ден излезе и МВР.

Да не палат стрништа, тој апел ќе биде проследен и во писмена форма преку Министерството за земјоделие, подрачни единици од Инспекторатот за земјоделие во сите подрачни места, инспекторите за сточарство исто така ќе ги опоменат сточарите, во писмена форма ќе бидат исто така опоменати, со цел овие последици од пожари на отворен простор да ги избегниме навремено“, истакна Илко Петкоски, раководител на ПО РЦУК Прилеп.

На овој Регионален кризен штаб освен за пожарите се разговараше и за поплавите, односно дали се исчистени каналите во полињата и колку тие се подготвени да ја примат целата вода која ќе надојде во нив на пролет. Со години остануваат нерешени некои стари критични точки, за некои се барало решение, други пак остануваат во старата состојба.

Тие се стари точки, не можеме да кажеме дека Дабничка река нема да направи проблеми, бидејќи се фрла смет. Колку и да се чисти, постојано се полни, од мостот кај Димо Наредникот, ете во план е, градоначалникот спомна дека се планира уредување на речното корито. Долненска општина исто има критични точки, знаеме дека минатата година имавме во Лажани, но тука има проблеми и со урбанизмот, каде има бесправни градби и во каналскиот дел од мрежата. Кај Секирци горе реката стално наноси има, значи Водостопанство на сите тие критични точки со оние ресурси што ги има работи. Е сега колку ќе сработат и колку ќе отстранат, но исто така зависи и каков ќе биде интензитетот на тие поројни дождови“, додаде Петкоски.

Беше упатена порака дека е потребно поголемо издвојување на средства од страна на државата за чистење на каналите и речните корита како и поголема координација помеѓу надлежните министерства и институциите за да во иднина се спречат овие појави.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи