Изнедувачки голем интерес за штандот на Крушево и Елбасан на Саемот за туризам во Белград, Србија, кој се одржа од 23 до 26 февруари. Крушево станува се попривлечна дестинација, а заедно со угостителскиот сектор се овозможува поефикасна промоција на дестинацијата во меѓународни рамки.
Во рамки на Проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ кој се имплементира во рамки на програмата за прекугранична соработка Северна Македонија и Албанија, Инструмент за пред пристапна поддршка (ИПА 2) – 2018 – 2020, општина Крушево го посети саемот за туризам на кој покрај Крушево како дестинација поединечно се претставија и дел од угостителските објекти кои покажаа интерес за учество. Штандот на проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ овозможи претставување на двете дестинации.
„Го посетуваме саемот веќе неколку години по ред, а оваа година во рамки на проектот со општина Елбасан од Албанија. Интересот е особено зголемен оваа година и сметам дека целите на проектот се исполнуваат. На саемот покрај претставувањето на Крушево и неговите туристички потенцијали, посетителите на штандот се информираа за многубројните параглајдинг натпревари меѓу кое е и Светското првенство во змајарство, но и што нуди угостителскиот сектор.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Во рамки на проектот општина Крушево изгради паркинг, постави мерни станици за квалитет на воздух, а дополнително ќе се оспособи „даунхил“ патека заедно со ЛЕД осветлување и поставување на урбана опрема на полетувалиштето за параглајдинг. Кај партнерот Елбасан се работи на изградба на полетувалиште за параглајдинг и туристички инфо центар. Вредноста на проектот изнесува 740 000 евра.