После децениското распаѓање на манастирот Трескавец, кој потекнува од 13 век и комплетната негрижа од страна на државата кон ова светилиште и Споменик на културата, годинава конечно се одвоија пари за реализација на двата проекти за негова заштита и конзервација. Првиот проект се однесува на хидрогеолошките истражувања и заштитата од влага која е најголем проблем за ѕидовите на црквата и фрескоживописот и кој проект веќе бил изготвен и се чекало на само на добивање на потребните дозволи за негово започнување. Изградбата на соодветниот дренажен систем кој ќе спречи влегување на вода во црквата треба да заврши до крајот на октомври.
„Изведбата на таков дренажен канал кој би бил во голема длабочина, од 3 до 4 метри, би ги насочиле водите кои излегуваат од долу да излезат од по страните на манастирот и да можеме да ги изведиме да излезат на јужната страна од манастирскиот комплекс. Ќе ја олесниме работата за реконструкција, реставрација и на фрескоживописот во црквата и трпезаријата кои се многу засегнати. Многу пати сме зборувале на таа тема, влагата достигнува некаде од 60 па се до преку 80% во некои моменти“, истакна Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.
Вториот проект пак се однесува на изработка на финална верзија на проектот за реставрација и конзервација на црквата. Неговиот краен рок на изработка е септември, за да може наредната година конечно да се започне со градежни активности околу заштита на самиот храм.
„Ја имаме добиено понудената тендерска документација, за разлика од хидрогеолошките истражувања, проектот за црквата е покомплексен и го работи стручен тим од институтот ИЗИИС, стручњаци од Градежниот факултет од Скопје и како консултатитвен член на тимот е професорот од Грција, професорот Препис“, додаде Цветкоски.
Реализацијата на двата проекти ќе чини 8,2 милиони денари.