Синоќа околу 21 часот непознати сторители украле неколку метални порти од куќи на улиците „Димо Хаџи Димов“ и „Браќа Шемкоски“. На лице место е излезена екипа на ПС Прилеп која го евидентирала настанот и направила записник. Жителите се крајно револтирани, затоа што ова не била прва кражба и бараат поголема ажурност од надлежните органи за откривање на сторителите.
„Вака веќе не се живее тука, постојано се кради, секојдневно, а ниту еден сторител досега не е откриен. Нема куќа каде нешто се нема украдено, дали тоа било алати, акумулатори од автомобили, се крадат и цели метални колички, кабли, црева, буриња, крадат се што може да земат. Еве сега почнаа и портите да ни ги крадат, што е премногу, е премногу. Тука има голем број стари лица кои живеат сами и се плашат за својот живот, па и ние се плашиме, не знаеме што може да се случи ако изреагираме. Полицијата не си ја брка работата, врие арамии, а никој не е во затвор. Бараме под итно поголема ажурност на надлежните органи“, велат загрижено револтираните жители на овој дел од населбата Тризла, кои сакаат да останат анонимни.