Во Крушево од 9 до 11 јуни ќе се одржи Балканско првенство во џудо за кадети и кадетки. Досега се пријавени за учество 12 држави, Македонија, Србија, Молдавија, Косово, Бугарија, Кипар, Турција, Грција, Албанија, Црна Гора, БиХ и Романија. Но се очекува деновиве да се приклучат и натпреварувачите од Словенија и Хрватска. Се планира во Крушево да има над 400 учесници на ова првенство. Според претседателот на џудо Федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, Крушево ги исполнувало сите услови за одржување на натпревар од ваков поголем калибар.
„Сметаме дека овој пат ќе имаме одлично организирано првенство на кое ќе земат учество 12 земји. Претставуваме и како Балканска федерација, кога се споредува со другите спортски организации, другите спортски федерации, зборуваме за една најголема организација на балканско ниво, каде во моментот членуваат 12 земји, но сега очекуваме до крајот на овој месец приклучување на уште 2 земји. Се работи за Словенија и Хрватска во оваа балканска фамилија, така што ако и тие се приклучат ќе се заокружи на 14 земји. Очекуваме повеќе од 400 гости, дел натпреварувачи, дел претседатели и стручни тимови од сите земји учеснички и сметам дека организацијата ќе биде на највисоко ниво. Се надевам дека ќе бидеме добри домаќини и дека сите тие присутни натпреварувачи и гости ќе понесат одлични импресии и дека ќе имаме едно Балканско првенство, неколку нивоа повисоко од сите досега организирани во земјите каде што се случуваат овој тип на натпревари“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо Федерацијата на Македонија.
Градоначалникот на Општина Крушево, како домаќини на манифестацијата, истакна дека спортот е вистинскиот амбасадор на овој град, кој станува се поатрактивна дестинација за љубителите на спортот од различнио области, а најмногу на адреналинскиот туризам.
„Вложувањата во спортот го прават Крушево препознатлива, посакувана и примамлива дестинација за сите 4 сезони. Сите овие моменти, дружби, споделување на прекрасни моменти во комбинација со спортски натпреварувања се она вистинско нешто кое ни дава посебна сила, енергија и мотив да бидеме пример за младите, дека треба да ја гледаат позитивната страна во животот, односно спортот. Сето тоа ги поврзува народите и државите на вакви големи собири и ја враќа довербата за позитивни нешта во животот за сите. Овие моменти се бесценети, бидејќи ја враќаат довербата на сите за подобро утре“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Спортскиот директор на Федерацијата, Ѓорѓија Стојанов, истакна дека тие како Федерација не застануваат тука. Веќе во август во Македонија ќе се организирал џудо куп од европски ранг.
„Балканското првенство е прераснато во еден тип на големо регионално натпреварување, кое може пандан да се рамни со големите европски натпреварувања и за таа цел тоа е од големо значење за нас и нашите џудисти и нашиот спорт. Веќе во август оваа година за прв пат во Македонија ќе се организира Европски куп за јуниори, куп кој е за на од огромна чест и задоволство и од големо значење, бидејќи во историјата на македонското џудо за прв пат организираме настан од европско ниво, каде ќе настапат повеќе од 500 – 600 џудисти од цела Европа, а и надвор од Европа. Тоа е голема заслуга на раководството на оваа федерација, на добрите политики на оваа федерација“, рече Ѓорѓија Стојанов, спортски директор на Џудо Федерација на Македонија.
Селекторот на нашата кадетска селекција Дејан Мицкоски рече дека Македонија има џудисти кои може да се носат рамо до рамо со џудистите од останатите држави и очекува да се освојат повеќе медали, во споредба со последното Балканско првенство.
„Сега следува една фаза, првата фаза помина со еден подготвителен тренинг камп, втората фаза следува каде ќе ја вршиме главната селекција на нашите претставници на ова Балканско првенство. Значи имаме предвидено уште 2 контролни натпревари и 1 тренинг камп, натпреварите ќе бидат од меѓународен карактер токму во следните седмици, така што во средината на мај јас како селектор заедно со моите помошници кои се актуелни тренери на кадетската селекција, ќе го извршиме крајниот, финален избор на репрезентативци кои ќе земат учество на ова кадетско натпреварување. Имам предвидено некаде завршни припреми во последната недела пред Балканското првенство, завршните подготовки да бидат токму тука, во Крушево“, потенцираше Дејан Мицкоски, селектор на кадетската селекција.
Последно организирано Балканско првенство во џудо во Македонија било пред 5 години.