Во првиот квартал годинава се отвориле 1832 фирми – 150 помалку од лани

Facebook
Twitter
Email
Print

Во првиот квартал од годинава имало 1832 новоотворени фирми, но тоа е за околу 150 помалку отколку во истиот период лани, кога имало 1983 новоотворени компании, покажува анализата на Пари во соработка со платформата Бизнис мрежа.мк. Овој податок ја отсликува неизвесноста со енергетската криза и другите економски последици од војната во Украина, кои од крајот на минатата година предизвикаа уште поголема воздржаност на инвеститорите отколку во 2021 година, кога светот уште беше под големо влијание на пандемијата со корона-вирусот.

Сепак, податоците кажуваат дека во првиот квартал од оваа година имало повеќе отворени отколку затворени компании. Порталот Пари веќе ја објави анализата за затворените компании во првиот квартал од годинава https://pari.com.mk/zavrsnite-smetki-gi-postedija-firmite-od-zgasnuvanje-vo-prv-kvartal-zgasnati-tri-pati-pomalku-firmi-od-lani/. Според податоците за трите месеци годинава згаснале 1012 компании, што значи дека бројот на новоотворените компании е поголем за 820 фирми. Но, годинава првпат на сила стапи нова законска регулатива, според која го немаме големото февруарско бришење на фирми што не доставиле завршни сметки од страна на Централниот регистар.

НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ФИРМИТЕ ШТО СЕ ОТВОРИЛЕ ВО ЈАНУАРИ БИЛЕ МИКРО

Интересен податок е што најмногу новоотворени компании имало во јануари, а потоа, како растела неизвесноста, се намалувал и интересот за отворање на фирми.

01.01.2023 – 31.03.2023 (по месец на основање)
МЕСЕЦ ВКУПНО НОВООСНОВАНИ
Јануари 698
Февруари 565
Март 569
ВКУПНО 1832

Извор: БизнисМрежа.мк

Податоците покажуваат дека најмногу се отвораат микрофирми. Имено, од 1832 фирми, 1830 се микро, а само две се средни компании. Овој податок оди во прилог на националната статистика. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, објавени на 24 март, а кои се однесуваат на 2021 година, во државата имало 70424 активни деловни субјекти, а податоците за структурата на активните претпријатија според бројот на вработени покажуваат дека најголемо учество, од 82.5 %, имаат претпријатијата со 1 до 9 вработени.

НАЈМНОГУ ОТВОРЕНИ ФИРМИ: СКОПЈЕ, БИТОЛА, ТЕТОВО…

Порталот Пари, како и секогаш, ги става „на кантар“ бројките за да „извага“ каков тренд продолжува: Во кои градови има најголем интерес за новоотворени фирми? Нормално е дека секогаш приматот го држи Скопје, додека другите 4 градови во првата петорка речиси секогаш се истите, со мали отстапувања низ анализираните квартали.

Во Скопје, во првиот квартал од годинава се отвориле 844 фирми, или 46 % од вкупниот број на новоотворени компании. Оваа бројка покажува поголема концентрација на новоотворените фирми од лани, кога за цела 2022 година, уделот на новоотворени компании во Скопје во вкупниот број на новоотворени компании во Македонија бил 38,8 %.

На второ место по број на новоотворени фирми е Битола, со 88 нови фирми, но иако е на таа позиција, тоа е скромен удел од 4,8 % на новоотворени фирми во вкупниот број на фирми.

На трето место е Тетово, со 76 фирми, а потоа се Охрид, со 64, и Куманово, со 60 новоотворени фирми.

ТОП 5 градови по новоотворени фирми

ГРАД НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВ КВАРТАЛ 2023
Скопје 844
Битола 88
Тетово 76
Охрид 64
Куманово 60

Извор: БизнисМрежа.мк

ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ЕДВАЈ ПО ЕДНА ФИРМА

Пари анализира и каде има најмалку отворање на фирми. Забележавме дека во 8 населени места има само по една нова фирма, во 7 по две нови, во 2 по три нови фирми…

Населени места со по една новоотворена фирма во првиот квартал од 2023 година се: Градско, Зрновци, Карбинци, Кривогаштани, Македонска Каменица, Пехчево, Старо Нагоричане, Чешиново-Облешево.

ВООБИЧАЕНО, ТРГОВИЈАТА  НАЈАКТИВНА

Во отворањето, како и во затворањето на компаниите, првото место го зазема трговијата. Она што може да се види од податоците е дека во првите 5 дејности по новоотворени фирми ја нема преработувачката индустрија, која, пак, беше втора дејност по затворени фирми во првиот квартал од годинава.  Што се однесува, пак, на хотелско-угостителската дејност, како и на дејноста под шифра „стручни, научни и технички дејности“ – таму имало и затворања и отворања на фирми што ги позиционирале во првите 5 најдинамични дејности.

Податоците покажуваат дека во првиот квартал од годинава најмногу фирми се отвориле во трговијата – 439, па во други услужни дејности – 203, во стручни, научни и технички дејности – 195, во објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 171, и во градежништво – 141.

ТОП 5 дејности по отворени фирми во прв квартал 2023

ДЕЈНОСТ НОВООТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВ КВАРТАЛ 2023
ТРГОВИЈА НА ГОЛЕМО И ТРГОВИЈА НА МАЛО; ПОПРАВКА НА МОТОРНИ ВОЗИЛА И МОТОЦИКЛИ 439
ДРУГИ УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ 203
СТРУЧНИ, НАУЧНИ И ТЕХНИЧКИ ДЕЈНОСТИ 195
ОБЈЕКТИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ И СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ СО ХРАНА 171
ГРАДЕЖНИШТВО 141

Извор: БизнисМрежа.мк

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/vo-prviot-kvartal-od-godinava-se-otvorile-1832-firmi-150-pomalku-od-lani/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи