Во Ликовната галерија во ЦК „Марко Цепенков” во Прилеп, вчера (28.4.2023) беше отворена првата самостојна изложба на скулптури „Материјалот и формата” од младиот уметник Славчо Павлоски, кој се претставува со 15 дела изработени во мермер и дрво.
За изложбата најпрво говореше Игор Тасески кој рече дека Павлоски е талентиран уметник кој со неговите дела ја истражува меката и тврдата форма во мермерот и дрвото, и дека скулптурите даваат различен визуелен ефект.
Професорот Александар Џинго посочи дека Павлоски е вонреден талент кој верно чекори по стапките на осознавање на уметноста и со својата посветеност влегол во канализирање на својата дарба и го покажал раскошниот талент.
Славчо Павлоски е студент на ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Гоце Наневски. Има учествувано на повеќе ликовни колонии, а со изложба на слики се преставил во Нови Сад, Р. Србија. Член е на Друштвото на ликовни уметници- Прилеп.