ВИДЕО – Во Тризла се расчистуваа наносите од ѓубре и кал од поплавата, се чистеше и затнатата канализација


Пороен дожд и големо неверме го погоди Прилеп вчера пополаднето при што за околу час и половина наврнаа 16 литри на метар квадратен. Ваков дожд се нема одамна случено во Прилеп. Поради тоа поплавени беа голем дел од улиците, а најлошо помина населбата Тризла каде се излеа Дабничка река и поплави дел од куќите покрај речното корито. Вода навлезе и во подрумот на џамијата во населбата. Според едни од жителите тука поплави настануваат поради тоа што населението ѓубрето го фрла во речното корито и настанува прелевање на реката, а за други пак виновна била несоодветната канализациона мрежа.

„Канализација немаме добра во Тризла и Прилеп, треба да се поправи за да нема вакви поплави. Најмногу има во Тризла поплави и мал дожд да има вака има поплави. Течи вода, канализацијата излегува, нечистотии газат децата“, вели Доан Мамудоски, жител на населба Тризла.

 

„Има ѓубре во реката да, ене сега едни луѓе заминаа да чистат. Сами луѓето го фрлаат таму во реката“, додаде Вевки Шабаноски, жител на населба Тризла.

 

„Џамијата мал дел вода беше навлезен во подрумот бидејќи таму нема канализација па мораше да ја вадиме водата со пумпи“, истакна Алмир Сулејманоски, жител на населба Тризла.

Екипите на јавните претпријатија „Водовод“ и „Комуналец“, како и противпожарната служба цела цела вечер помагале во расчистувањето од поплавата. Според директорот на прилепски „Водовод“ поплавата настанала бидејќи канализационата мрежа не била проектирана за толку кратко време да прими толкави големи количини на вода колку што наврнале тој момент, но вина имало и кај самото население кое ѓубрето го фрла дури и во канализациониот систем.

 „Оваа количина на вода која наврна во рок од 2 часа беше преголема за оваа предвидена атмосферска канализација да ја прими оваа количина на вода. За жал мораме да кажиме и тоа дека хигиената во ова градско подрачје е на пониско ниво. ЈКП „Комуналецец“ е постајано на терен, нон стоп чисти тука, но треба да имаме и помош од мештаните, отпадот да не се фрла во канализацијата и по улиците“, изјави Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Екипите на прилепски „Водовод“ и „Комуналец“ преку целиот ден ги расчистуваа наносите со ѓубре и кал по улиците и затнатата канализација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи