Начекавме огромни долгови во Општината, само за една година ние вративме околу 120 милиони денари, од над 300 милиони кои беа затекнати долгови, потенцираше градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески на вечерашната трибина во Прилеп.
„Дека нашата Општина работи максимално домаќински и добро сме менаџирале со работењето доказ е и тоа признание за нашето финансиско работење од Обединетите Нации, односно од анализата на УНДП каде во програмата за развој за 2022 година од сите 80 општини, нашата Општина беше во првите 10 општини кои покажаа домаќинско и добро менаџирање со парите од буџетот.
Дури бевме и пример на другите општини да им покажеме како се работи. Со тоа ние уште еднаш добивме големо признание и тоа не може никој да ни го поништи, максимално се потрудивме само во година и половина и да покажеме нови проекти, но воедно и да вратиме од старите долгови.
Се соочивме со економска и светска криза која дополнително не оптерети, но сепак ја издржавме и 2022 година со надминување на трошоците во електричната енергија. Се справивме навистина максимално, дури имавме и опструкција, каде формиравме јавно претпријатие „Енерго Прилеп“, кое одлично менаџираше и успеавме во 2 месеци да заштедиме повеќе од 10 милиони денари.
Но знаете со одлука на Владата ни ги одзедоа и тие можности да располагаме со јавното осветлување и сите оние механизми кои ни беа заштита на нашите средства“, кажа Јовчески.