Живко Тромпески од Прилеп веќе 4 години изработува бродови едреници кои реално постоеле во минатото. За 4 години има изработено 12 едреници кои им припаѓале на кралските флоти на Англија, Франција, Шпанија, а има и изработено и американски едреник од поново време. Го изработил и легендарниот брод „Санта Марија“ со кој Колумбо ја открил Америка во 1492 година. Првата ваква макета на едреник ја изработил уште пред 40 години, купувајќи делови за нејзино составување од Италија. Но денес буквално сите елементи на овие бродови се негова рачна изработка. Макетите како изгледале овие бродови во минатото ги наоѓа на интернет и според таа шема ги изработува овие ремек дела.
„Медијапан 5-ка и 3-ка ги користам за трупот на едреникот, бидејќи лесно се обработува, а потоа се е од бука. Фурнирите се од бука и сам ги правам ене на онаа машина што е надвор. Со лепак го лепам медијапанот, а потоа кога ќе го оформам бродот потоа сите овие детали што се врзани за него од бука. Овие се сите постоечки бродови, а овој пак „Виктори“ што сега го работам е цел зачуван како бил во Англија и е брод музеј. Другите бродови сите се потопени. Првиот брод што го изработив беше од Франција името му е „Сирена“, потоа вториот брод беше англискиот „Ајк Ројал“, трет беше „Санта Марија“ на Колумбо. Тој е од најновите едреници и затоа е нема детали на него. Имам сега значи шпански бродови, англиски и француски, а имам и еден американски брод“, истакна Живко Тромпески, изработувач на макети на едреници.
Вели дека за изработка на еден брод му се потребни околу 4 до 5 месеци интензивна работа. Секој ден во својата работилница поминува минимум по 8 часови дневно работејќи на бродовите. Во моментов работи на својот најголем досега едреник кој го направил англискиот брод „Виктори“, долг е околу 1,2 метри и широк од 16 до 18 цм.
„Макетите ги најдувам на интернет. Еве како изгледа една макета и таа ја копирам потоа. Сите делови од неа како што се треба да ги исечам и да ги направам. Но на интернет секогаш ги нема тие бродови кои ги сакаш или е на пример заклучен со тоа што те обврзува да ги купиш и деловите за него. Пример за овој француски брод кој го имам изработено деловите да ги купиш се некаде 1.350 евра, а јас сите делови тука сам си ги изработувам на сите бродови“, додаде Тромпески.
Тромпески е самоук. Вели дека не знае дали некој се занимава со ова во Македонија или и да има ретко кој бродовите ги изработува целосно рачно како него туку најчесто се купуваат материјали за нив. Досега не направил ниту изложба со овие дела, ниту пак ги продава, си ги чува љубоморно за себе, но вели дека веќе нема место каде да ги чува и можно било некој да продаде.
„Овие бродови за да направам изложба треба да му ставам на сите стаклено звоно за да ги заштитам од прашина. А јас тука си ги одржувам, на секои 2 месеци ги прскам со лак и ги чистам. Доаѓаат полно луѓе тука и ми велат ајде да ги продадеме. Му велам ако ми требаа пари тоа требаше на младост не сега на старост. Зошто ми се, зошто да ги продавам? А и колку цена ќе му побарам, незнам ниту јас колкава цена да му побарам? Но еве веќе нема место каде да се чуваат, така што ако направам уште неколку, некој ќе мора да замине“, вели Тромески.
Вели дека негова голема желба е да го направи еден од најпознатите шведски бродови „Васа“ кој е изграден во 1626 година и исто како и „Виктори“ е целосно зачуван и служи како музеј.