ВИДЕО – Трета донација на друштвото „Методија Андонов – Ченто“ од Сиднеј, дресови и опрема за Младинската школа на „Победа“


Австралиско – Македонско друштво „Методија Андонов – Ченто“ од Сиднеј каде членуваат голем број наши иселеници кои подолг период живеат во Австралија ја реализираа својата трета донација за Општина Прилеп, односно донираа дресови и потребна опрема за Младинската фудбалска школа на „Победа“. Со ова нашите родољуби од странство уште еднаш докажаа дека Македонија им останува во срцето без разлика каде и да се наоѓаат. Претходно ова друштво донираше 500 дресови за основните училишта во Прилеп, како и 200.000 денари со кои се купија голем број потребни работи за дел од училиштата.

„Сметајте дека ова е заеднички проект или условно речено договор, што е приоритет и што е важно во општина Прилеп. Во овој случај младинците и младите од Прилеп и тоа како треба да бидат мотивирани и поттикнати. Во овој случај има неколку пара дресови, шушкавци и разна опрема која го поттикнува психофизичкиот и моторичкиот развој на фудбалерите, односно питомците кои се дел од младинската школа“, истакна Гоце Бумбароски, советник за млади во Општина Прилеп.

Од младинската школа на ФК Победа искажаа голема благодарност на донаторот, велат дека се многу радосни и задоволни што конечно ќе ја имаат потребната опрема и реквизити за побогат тренажен процес.

Сигурно дека побогати ќе бидат сите деца и во знаењето со овој богат фонд на реквизити, така да се надевам дека во наредниот период сето тоа ќе се одрази и на подобри резултати во младинската школа. Во младинската школа имаме 13 генерации, од кои 4 се такмичарски, останатите сите во детски и регионални лиги и можам слободно да кажам дека навистина со успех и добри резултати ги одвиваат сите тие активности. Се надевам дека и во наредниот период со уште подобра организација, како клупска, така и на младинската школа ние ќе дојдеме до подобри резултати. Горд сум да кажам дека во секоја генерација имаме и репрезентативци кои се во првите состави на одделни генерации, како и младинци и млади играчи кои тропаат на вратите на сениорската екипа, се надевам дека и оваа година дел од нив ќе најдат место во првата екипа“, додаде Кирил Овезоски, координатор на Младинската фудбалска школа на ФК „Победа“.

Се очекува оваа соработка помеѓу Општина Прилеп и Австралиско – Македонско друштво „Методија Андонов – Ченто“ од Сиднеј да продолжи и во иднина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи